Бојку: Да ја завршиме сезоната со добар резултат против Арсими
Фудбалерите на Струга Трим Лум со гостувањето денеска од 16.00 часот на Градскиот стадион во Гостивар кај Арсими и официјално ќе ја затворат сезоната 2025/26 во Првата македонска лига. Со освоеното трето место, стружани го повторија успехот од сезоната 2020/21, но не успеаја да изборат пласман на европска сцена.
Препорачано
Играчот на Струга Трим Лум, Бесмир Бојку истакна дека тој и соиграчите планираат да стигнат до трите бода и сезоната да ја завршат со победа. Струга Трим Лум оваа сезона имаше максимален успех во дуелите со Арсими.
– Очекуваме отворен и убав натпревар за навивачите. Ова е последен меч во сезоната и сакаме да го завршиме со позитивен настап и добар резултат. Мислам дека во текот на сезоната покажавме многу позитивни работи. Секогаш може повеќе, но доколку се погледне текот на првенството, третото место е резултат што треба да се вреднува. Ги добивме претходните два натпревари против Арсими и сигурно влегуваме со самодоверба. Ќе дадеме максимум за да ја оствариме и третата победа и сезоната да ја затвориме со три бода – изјави Бојку.
Фудбалерот на Арсими, Суби Мустафа изрази задоволство по обезбедувањето на опстанокот во ПМФЛ, потенцирајќи дека тоа била главната цел на тимот оваа сезона. Тој упати благодарност до сите кои придонеле за овој успех, почнувајќи од соиграчите и стручниот штаб, па сè до навивачите.
Зборувајќи за претстојниот натпревар, истакна дека истиот ќе има празничен карактер за клубот, и нагласи дека целта е сезоната да се заврши на најдобар можен начин:
– Многу сме среќни што математички го обезбедивме опстанокот. Тоа беше нашата главна цел и верувам дека сосема заслужено го остваривме со работа, жртва и единство во текот на целата сезона. Голема благодарност до соиграчите, стручниот штаб и нашите навивачи кои ни даваа поддршка во секој момент. Овој натпревар ќе биде ден на прослава за нас. Ќе излеземе на теренот со максимална мотивација и почит кон противникот, но пред сè сакаме да го споделиме овој момент со нашите навивачи – се зборовите на Мустафа.


