Богоев: Конечно добивме нов лик на градинката „Мајски цвет” во Тафталиџе 1

После повеќе децении, објектот на градинката „Мајски цвет” во Тафталиџе 1 доби нов лик.

Од прес-службата на Општина Карпош информираат дека по неколкумесечна интензивна работа направена е реконструкција на сите тоалети, со што се подобрија хигиенско – санитарните услови во оваа предучилишна установа. Променети се прозорците и вратите, за да се подигне и енергетската ефикасност на градинката, но и да се намалат сметките за загревање за 30 отсто. Исто така, направена е целосна реконструкција на фасадата, на дел од кровната површина, како и на повеќе занимални.

Фото: фејсбук

Во посета на објектот, денеска беше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој уште во предизборната кампања во 2017 година вети реконструкција на оваа градинка, која во нормални услови згрижува 140 деца, а по протоколот за заштита од Ковид – 102.

– Среќен сум што и во услови на светска пандемија не застанаа активностите во поглед на зголемување на капацитетите во предучилишното образование. Конечно добивме нов лик на „Мајски цвет” во Тафталиџе 1. До овој момент, приемот на деца во оваа градинка, но и во сите други објекти во Карпош се одвива без поголеми проблеми. Сепак, никој не може да гарантира 100 отсто подготовеност, но покажавме дека можеме да гарантираме подобри услови во градинките, рече Богоев.

Од локалната самоуправа наведуваат дека во изминатиот период изградена е и целосно нова градинка во Бардовци, објектот „Виножито”, којшто е клон на „Распеана младост” и во нормални услови згрижува 78 деца. Исто така, градинката „Мајски цвет” во Тафталиџе 2, доби целосно нов објект – цврста градба, кој може да згрижи 95 деца.

Фото: Фејсбук

Директорката на објектот, Ангела Ангеловска-Усовска информираше дека во рамки на објектот во Тафталиџе 1, предвидена е адаптација и на уште 3 – 4 занимални, затоа што новиот Протокол подразбира присуство на помалку деца во една занимална.

– Предучилишното образование е важна алка во целиот систем. Со зголемувањето на капацитетите се овозможува секое дете да добие згрижување и едукација и на полесен начин да се адаптира во основното образование, се вели во соопштението од општината.

Од локалната самоуправа посочуваат дека како резултат на ковид – 19 пандемијата сите градинки во Карпош работат по воспоставениот протокол од Комисијата за заразни болести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот