Битиќи најави дека четири приватни стратешки инвестиции во енергетиката влегуваат во Собрание
Големи инвестиции од околу 800 милиони евра ќе се најдат пред пратениците на 7 февруари. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вели дека ќе помогнат во делот на енергетската транзиција.
-Оваа недела во собраниска процедура се влезени четири стратешки инвестиции во делот на енергетиката. На 7 февруари во Собрание се на дневен ред. Зборуваме за четири големи инвестиции од околу 800 милиони евра кои ќе ни помогнат во енергетската транзиција, најави Битиќи во „Аргумент плус“ на ТВ24.
Тој додаде дека освен овие четири инвестиции во енергетиката има уште три-четири стратешки инвестиции кои биле преговарани, но не успеале да стигнат до завршна фаза.
-Изминатите седум години сè што било наша проекција за раст било реално. Дури и во најголемите кризи, од 2020 година со ковид кризата, па наваму, сакаме да сме реални. Немаме големи промашувања, затоа сум оптимист дека независно од трите месеци изборен период, растот годинава ќе биде околу три отсто, рече Битиќи.
Вицепремиерот за економски прашања истакна дека одредени проекти се почнати и независно од изборите ќе продолжат, бидејќи сите предуслови за нив се исполнети.
Прашан за продуктоводот со Грција, Битиќи вели дека се очекува да обезбеди поквалитетна нафта, поздрава животна средина и подобра цена
– Во финалната цена на нафтените деривати влегува и трошокот за транспорт, што значи дека ако се намалат за 30-40 отсто со продуктоводот со Грција и финалната цена треба да се намали. РКЕ веќе ги прави пресметките, но во секој случај ќе имаме поквалитетна нафта, поздрава животна средина и подобра цена, рече вицепремиерот за економски прашања.
Тој објасни дека нафтоводот со кој се превезувала сурова нафта од Грција сега е продуктовод во кој ќе се пренесува дизел гориво.
– Направена е техничка проверка на целиот нафтовод, со пуштање на уреди се проверува милиметар по милиметар и се чисти нафотоводот. Сите предуслови се исполнети и многу скоро би требало да пристигнат првите литри, потенцира Битиќи.
Вицепремиерот објасни дека со ова ќе се намалат трошоците за транспорт, но и помалку ќе се загадува животната средина, бидејќи нафтата нема да мора да се превезува со камиони или возови.
Во делот за субвенциите за електрична енергија Битиќи посочи дека СДСМ нема да дозволи граѓаните да плаќаат поскапа струја.
– Јас можам да кажам што јас и моите колеги од партијата ќе направиме. Граѓаните нема да платат поскапа електрична енергија со нас. Можеби некој друг ќе ја зголеми, но јас знам каква одлука ќе донесеме на 30 јуни, рече тој.
Вицепремиерот појасни дека над 80 отсто од цената на електричната енергија што ја добиваат граѓаните е субвценионирана, односно платена од страна на државата.
– Ако во сметката за потрошена електрична енергија сумата е 2000 денари тогаш 1680 денари е субвенцијата од државата. Да ја нема би платиле 3680 денари, а плаќате 2000. Тоа е разликата, додаде Битиќи.