Бил немилосрден, во постојана агонија и опседнат да добие машки наследник — приказната за контроверзниот крал Хенри Осми
На денешен ден, во 1491 година, роден е англискиот крал Хенри Осми – еден од најфасцинантните и најконтроверзни владетели, не само во англиската, туку и светската историја.
Препорачано
Познат по своите шест бракови, драматичното оттргнување од Католичката црква и сè понемилосрдното однесување во подоцнежниот живот, владеењето на Хенри ја трансформираше Англија на начини што се чувствуваат и денес.
Кралскиот хипохондрик и неговото лошо здравје
Многу историчари и модерни невролози веруваат дека Хенри Осми не бил отсекогаш „чудовиште“, туку дека претрпел сериозна промена на личноста поради повреда на главата.
Во младоста, Хенри важел за образован, висок, атлетски граден и широко почитуван, кој обожавал спорт, а бил сметан за исклучително згоден. Но, во 1536 година (на 44 години), за време на витешки турнир, коњ во полн оклоп паднал директно врз него.
Кралот бил во несвест цели два часа. Модерните дијагнози сугерираат дека претрпел тежок потрес на мозокот кој му го оштетил фронталниот лобус — делот од мозокот задолжен за контрола на импулсите, емпатија и емоционална стабилност. По оваа несреќа, тој станува параноичен, суров и непредвидлив.
Истата несреќа му отворила стари рани на нозете, кои се претвориле во хронични, гнојни чиреви кои никогаш не зараснале (веројатно поради дијабетес или венска инсуфициенција). Мирисот на неговите нозе бил толку неподнослив што се чувствувал од неколку соби подалеку. Поради постојаната, агонизирачка болка, неговиот темперамент станал деструктивен.
Иако нема докази дека Хенри бил „луд“, многу научници тврдат дека комбинацијата од повреда, хронична болка, влошено здравје и огромен политички притисок можеби значително го променила неговото однесување.
Интересно е дека Хенри имал паничен страв од болести, особено од чума и од т.н. „болест на потење“. Штом ќе слушнел дека некој во Лондон е болен, веднаш го пакувал целиот двор и бегал во провинциите, изолирајќи се со недели.
На крајот од својот живот, Хенри бил толку дебел што едвај се движел. Морале да го пренесуваат на специјални столчиња со тркала и дигалки. Неговото дневно мени вклучувало огромни количини месо (од елени до лебеди, пауни, фазани) и пиел големи количина на алкохол (во некои извори се вели дека пиел околу 4 до 5 литри пиво или вино секој ден). Имал обем на половината од неверојатни 137 сантиметри.
Шесте сопруги на Хенри Осми – повеќе од статистика
Брачната историја на Хенри Осми е навистина легендарна. Неговите шест сопруги често се паметат и преку познатата англиска рима: „Разведена, обезглавена, почината, разведена, обезглавена, преживеана“ (Divorced, Beheaded, Died, Divorced, Beheaded, Survived).
Катерина Арагонска
Најдолгиот брак на Хенри VIII бил со Катерина Арагонска, ќерка на кралот Фердинанд и кралицата Изабела од Шпанија. Осум години пред нејзиниот брак со Хенри во 1509 година, Катерина била во брак со постариот брат на Хенри, Артур, кој починал од болест на само 15 години.
Заедно, Хенри и Катерина имале ќерка, Мери Тјудор, која се родила во Гринич Палас, но Хенри сакал син. Фрустриран од перцепираната неспособност на Катерина да роди машки наследник и веќе вљубен во една од дамите на Катерина, Хенри го прогласил нивниот брак за поништен во 1533 година. Овој потег ќе покренале низа настани што ќе го променат текот на англиската историја.
Хенри тврдел дека бидејќи неговата сопруга претходно се омажила за неговиот брат, бракот е неважечки. Катерина енергично го оспорила ова обвинение, објаснувајќи дека бракот никогаш не бил конзумиран. Кога папата го одбил поништувањето, Хенри VIII официјално ја основал својата црква, Англиканската црква.
Ана Болејн
Ана Болејн станала предмет на наклонетост на Хенри откако тој имал афера со нејзината сестра Мери. Додека сè уште бил законски во брак со Катерина, Хенри почнал да го покажува својат интерес кон Ана, отворено почитувајќи ја на својот двор и доделувајќи ѝ ја титулата Маркиоза од Пембрук во септември 1532 година.
Ана цврсто ги одбивала додворувањата на кралот сè додека не добила предлог за брак, а двојката се венчала тајно на почетокот на 1533 година. До тогаш, Ана била бремена со своето прво дете. Во јуни 1533 година била крунисана за кралица на Англија и тие имале ќерка: идната Елизабета I.
И покрај најмалку два спонтани абортуси по раѓањето на Елизабета во Гринич, Ана останала во позиција на релативна моќ. Сепак, Хенри имал природно љубоморен и сомничав карактер и бил убеден од советник дека Ана е неверна. Всушност, токму од терените за борби во Гринич дошла командата да биде затворена кралицата. По обвинувањата за бројни обвиненија за прељуба и предавство, за кои историчарите сè уште дебатираат, Ана била уапсена и обезглавена.

Џејн Сејмур
Третата сопруга на Хенри е Џејн Сејмур. Со неа се оженил во мај 1536 годин. За разлика од неговите претходни жени, Џејн никогаш не била крунисана за кралица. Во октомври 1537 година, Хенри конечно ја исполнил својата желба, Џејн го родила идниот крал Едвард VI.
За жал, Џејн починала помалку од две недели по раѓањето. Иако мислењата се поделени за тоа што ја предизвикало нејзината смрт, генерално се претпоставува дека тоа било резултат на компликација од бременоста.
Џејн била погребана во капелата „Свети Ѓорѓи“ во замокот Виндзор. По смртта на Хенри, тој бил погребан покрај неа. Нивниот син Едвард починал во Гринич во 1553 година.
Ана Клевска
По смртта на Џејн Сејмур, Хенри поминал време во жалост. Но, со текот на времето, кралот и неговите министри сметале дека на Англија ѝ е потребен странски сојузник против Католичката црква. Ханс Холбајн Помладиот бил испратен да наслика лик на Ана Клевска, за која Хенри се заинтересирал.
Сепак, по пристигнувањето на Ана во Англија, Хенри изразил загриженост дека Ана веќе била мажена (нејзината фигура му изгледала премногу раскошна за да биде девица). Иако на крајот бил убеден дека таа е слободна да се омажи, и бракот се случил, тој не можел да го конзумира нивниот брак. Бракот бил поништен неколку месеци подоцна. Ана добила спогодба како компензација за поништувањето.
Таа го поминала остатокот од животот на кралот во Англија, одржувајќи го своето домаќинство одвоено од она на Хенри. Сепак, таа одржувала пријателски односи со кралот и неговите деца до крајот на својот живот, на крајот ги надживеала и Хенри и Едвард.
Катерина Хауард
Следна во редот за брак со кралот Хенри Осми била Катерина Хауард – кума на Ана Клевска. До моментот кога се венчале во јули 1540 година, Хенри имал четириесет и девет години, додека Катерина била млада жена. Во тоа време Хенри станал корпулентен, а стара рана во ногата му се отворила и му предизвкувала голема болка.
Катерина била обвинета за предавство затоа што не ја открила својата сексуална историја пред бракот со Хенри и за незаконска средба со друг маж за време на бракот. Само неколку месеци откако ѝ била одземена титулата кралица, Хенри ја обезглавил во февруари 1542 година.
Катерина Пар
Последната од жените на Хенри Осми била Катерина Пар, со која се оженил во јули 1543 година. Таа успеала да биде љубезна сопруга која се грижела за Хенри во неговата болест и добра маќеа на трите деца на кралот, Мери, Елизабета и Едвард.
Катерина имала многу врски со кралското семејство уште од млада возраст. Таа била именувана по Катерина од Арагон, а семејството Пар било блиску до првобитната кралска двојка. Нејзиното пријателство со Мери, ќерката на Хенри, била причината зошто таа на крајот го запознала Хенри. Таа всушност р потомок на кралот Едвард III – сите жени на Хенри на некој начин потекнуваат од Плантагенети.
Евангелистичката ревност на Катерина за протестантизмот ѝ создала многу непријатели на дворот на Хенри кои се обиделе да го свртат кралот против неа. Сепак, таа го убедила Хенри дека му е лојална. Хенри толку многу ѝ верувал што во случај на негова смрт, ја именувал за кралица регент. Кралот починал на педесет и пет години во јануари 1547 година.
Иако е запаметена како една од сопругите на Хенри, Катерина има свое место во историјата: со четири сопрузи, Катерина Пар е најдолго омажената кралица во Англија. Таа била исто така важен покровител на писмата и уметноста, како и првата жена што беила објавена под свое име. Таа била клучно рано влијание врз нејзината поќерка Елизабета I.
Конфлинкт со Црквата – најскапиот „развод“ во историјата
Еден од највпечатливите моменто од владеењето на Хенри е неговиот конфликт со Римокатоличката црква. Откако папата Климент Седми одбил да го поништи бракот на Хенри со Катерина Арагонска, кралот решил да преземе радикален чекор. Тој го отфрлил папскиот авторитет во Англија. Преку Законот за врховност во 1534 година, Хенри се прогласил за врховен авторитет над англиската црква. Ова го означува почетокот на англиската реформација и поставувањето на темелите на Англиканската црква. Тоа не било направено само од љубов кон Ана Болејн со која подоцна ќе се ожени, туку и од чист интерес (политичка контрола и династичка безбедност).
Откако се одвоил од Римокатоличката црква, Хенри ги затворил сите католички манастири во Англија, ја конфискувал нивната златна и сребрена сопственост и ги земал нивните земјишта. Ова било неверојатен финансиски грабеж кој „ја направил круната“ екстремно богата, додека илјадници монаси останале на улица.
Владеењето со Англија по неговата смрт
Хенри Осми го поминал поголемиот дел од своето владеење конејќи по наследник за да ја обезбеди династијата Тјудори. Сепак, неговото најтрајно наследство и влијание во англиското кралско владење, доаѓа преку неговата ќерка, Елизабета Прва.
По смртта на Хенри во 1547 година, Англија влегува во период на сериозна политичка и верска нестабилност, познат во историјата како период на „кризата на Тјудорите“. Иако Хенри се надевал дека остава стабилно наследство, реалноста била далеку покомплицирана.
Хенри бил наследен од неговиот деветгодишен син, Едвард VI. Бидејќи кралот бил малолетен, со земјата владеел Регентски совет. Ова довело до жестоки борби за превласт меѓу благородниците. Едвард умира млад од туберкулоза, па на тронот, само 9 дена, застанала Лејди Џејн Греј е поставена на тронот преку заговор.

Во периодот од 1553–1558, на тронот доаѓа Мери Прва (Крвавата Мери), ќерката на Хенри од првиот брак. Таа насилно го враќа католицизмот и пали стотици протестанти на клада.
Дури под владеењето на Елизабета, Англија влегла во период често опишуван како „златно доба“, покажувајќи дека најголемиот наследник на кралот не бил синот за кого Хенри толку напорно се борел, туку ќерката што го наследила неговиот престол. Елизабета ја надминала татковата визија, трансформирајќи ја Англија во светска велесила.


