Фото: Слободен печат

Без консензус на социјалните партнери, платите во март ќе скокнат меѓу 1.500 и 2.000 денари

Бизнисот го држи ставот дека стопанството, особено малите и средни претпријатија и трудоинтензивните дејности, немаат кондиција да издржат зголемен финансиски товар. Во меѓувреме, срамежливо се лиферува тезата дека за повеќе пари и државата треба да помогне во вид субвенционирање за барем одреден период

Синдикатите и работодавачите денес повторно ќе ги вкрстат копјата. Теми и проблеми за разгледување има многу, но најважно е колкаво ќе биде зголемувањето на минималецот. Според најавите, треба да заседава Економско-социјалниот совет, но засега е извесно дека до крајот на март 2026 година, минималната плата ќе порасне до две илјади денари, што ќе рече толку дозволува чергата. Од ССМ веќе се изјаснија, ќе бараат 600 евра минималец, но бизнисот го држи ставот дека стопанството, особено малите и средни претпријатија и трудоинтензивните дејности, немаат кондиција да издржат таков финансиски товар. Во меѓувреме, срамежливо се лиферува тезата дека за повеќе пари и државата треба да помогне во вид субвенционирање за барем одреден период.

Анкетата на Сојузот на синдикатите на Македонија, во која учествувале 1.613 испитаници, покажа дека 45,2 проценти бараат минимална плата од 600 евра, 42 проценти бараат над 700 евра, а 99,5 проценти сметаат дека платата мора да се зголеми веднаш.

– Над половина од испитаниците се подготвени за протести и штрајк доколку не се зголеми минималната плата. Заклучокот е јасен: барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку реална потреба на работниците. Владата и дел од работодавачите се против зголемување на минималната плата, додека функционерските плати остануваат зголемени за 79 проценти – вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Од најголемиот синдикат објаснуваат дека преку ЕСС се договараат политики што директно влијаат врз работничките права, платите и социјалната сигурност. Но годинава се одржаа само две седници на ЕСС, а Владата го оправдуваше застојот со наводен „недостаток на репрезентативност кај синдикатите“. Во пресрет на заседанието на ЕСС, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши нагласи дека нема да донесат одлука под притисок и предупреди дека во март 2026 година, минималната плата ќе се зголеми од 1.500 на 2.000 денари, во зависност од бројките што ќе произлезат од пресметката.

Дурмиши нагласи дека законот предвидува дека минималната плата ќе се одредува според просечната плата, како и трошоците за живот. Тоа го потврди и неговиот заменик Марјан Ристески, кој повтори дека сè додека не се договорат социјалните партнери, ќе важи актуелниот Закон за минималецот, формулата е многу добро позната, а Владата ќе се придржува до неговите одредби, доколку нема консензус. Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати, очекува дека на седницата на ЕСС ќе се отворат многу теми. Тој вели дека сè уште не добиле покана, но се надева дека ќе разговараат за новата минимална синдикална кошничка, како и за барањето на ССМ за повисока минимална плата, но и за платите во јавниот сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот