Бесими: Деветтиот владин пакет антикризни мерки „тежи“ 662,4 милиони евра

Фатмир Бесими
Фатмир Бесими, министер за финансии / Утрински брифинг

Кон крајот на минатата година беше објавен деветтиот владин пакет антикризни мерки кој содржи 23 мерки во вкупна вредност од 662,4 милиони евра, соопштија од Министерството за финасии. Според министерот Фатмир Бесими, од новиот пакет 123,7 милиони евра се со директни фискални импликации, додека другите со индиректни. Средствата се распоредени во две фискални години со цел фискална одржливост.

Три претходно донесени системски мерки во 2023 и 2024 година го чинат буџетот дополнителни 516,3 милиони евра, нагласува Бесими во својата колумна посветена на деветтиот пакет антикризни мерки, тагретирани за поддршка на стопанството и за најранливите категории.

Изминатиот четиригодишен период беше испреплетен со кризи, почнувајќи од пандемијата, па до енергетската криза, која ескалираше на почетокот на 2022 година, со ефектите од руско-украинскиот конфликт. Значи, претходните осум пакети антикризни мерки достигнаа ниво од околу 1,96 милијарди евра. Со тоа е намален економскиот пад во 2020 година, кој беше компензиран во растот во 2021 година, за потоа растот во 2022 година, 2023 година и проектираниот раст во 2024 година да бележат забрзана нагорна динамика“, пишува Бесими.

Продолжува таргетираната поддршка на ранливите домаќинства и компаниите од 2023 година. Новите мерки имаат за цел поддршка на млади лица (ученици и студенти) од ранливи категории на семејства, пензионерите со ниски пензии, лица и деца со посебни потреби, самохрани родители итн.), земјоделците заради стимулирање производство на храна, како и поддршка на компаниите во процесот на зелена транзиција.

„Ако подетално анализираме, секоја од овие мерки има за цел обезбедување на социјална и економска одржливост“, потенцира министерот.

Со мерките од деветтиот пакет се опфаќаат 120.000 млади лица, околу 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, околу 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 540.000 корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600.000 домаќинства, како и 70.000 компании. Ако се земат предвид и системските мерки, зборуваме за 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавниот сектор.

„Истовремено, преку прудентната политика ќе се зачува фискалниот простор и ќе се осигури одржувањето на макроекономската и фискална стабилност“, истакнува Бесими.

Новиот пакет на мерки бил поделен во следните категории:

1) Мерки за поддршка на граѓаните и домаќинствата (поддршка на учениците и студентите од семејствата со ниски примања, поддршка на ранливите категории граѓани, пензионери и домаќинствата со пониски примања, поддршка на земјоделците);
2) Мерки за поддршка на стопанството (поповолни кредити за ликвидност и инвестиции, субвенционирање на придонеси за повисоки плати);
3) Мерки за поддршка на jавниот сектор (општини и јавни претпријатија);
4) Системски мерки кои придонесуваат за ублажување на ефектите од ценовната и енергетската криза.

Бесими посочува дека ефектите од овие мерки најдобро ќе се видат кога ќе почне нивната реализација и кога подоцна ќе почнат да ги анализираат макроекономските податоци.

Нема универзален рецепт за побрзо заздравување и забрзување на растот, тоа ќе биде процес на постојано прилагодување и надградување. Моделот треба да се скрои согласно економската структура, окружувањето и очекувањата, да се има целата слика при кроењето на стратегијата и секогаш прва и последна точка треба да биде добробитта на граѓаните. Тоа е економската формула која ќе даде успех“, пишува Бесими.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот