Беше напнато, го фрлив низ прозор пејџерот: Перо Камиказа раскажа искрена приказна за Ристо Самарџиев и Поце
Емотивна приказна за Ристо Самарџиев и за Константин Икономов – Поце раскажа Петар Георгиевски – Камиказа од групата „Меморија“, која досега не беше позната во јавноста.
Препорачано
Раскажувајќи за последниот албум на групата од 1995 година, „Меморија 5“, Георгиевски рече дека по сите музички и технички стандарди петтиот и последен албум на „Меморија“ е генерациски најзрел, технички најиздржан и музички совршен.
„Албумот е сниман во студиото на Тоше Поп-Симонов, ‘Аудиолаб’. Не можете ни да замислите каква ‘пицајзла’ беше Тоше за овој албум. Како да се работеше за живот или смрт“, напиша Перо Камиказа, меѓу другото, и додаде:
„Поважно од сѐ беше што во суштина ‘Меморија’ доби нов пејач, Ристо Самарџиев. Со Поце станаа работите уште покомплицирани и Ристо дојде како кец на десетка. Освежувањето со нов пејач имаше и добра и лоша страна. Добрата беше што Ристо беше исклучителен шоумен, а воедно и автор, кој исто така одлично пееше и даде нов белег на ‘Меморија’. Лошата страна беше, ако може така да се каже, што публиката во изминатите пет-шест години го сметаше Поце за икона, па така на првите неколку концерти тоа изгледаше малку ‘напнато’. Ристо со својот шарм и талент се избори за исклучително добар третман по само неколку свирки низ Македонија.
Имавме одлична промоција, повторно во ‘Хард рок’, каде што на местото на Хаџипаунов сега клавијатури свиреше Давор Јордановски, а перкусии Дино Милосављевиќ. Исклучително многу концерти направивме со оваа постава низ Македонија и останатите членови на бендот го примија Ристо како цел живот да бил во ‘Меморија’ (без разлика што на почетокот беа малку скептични).
Ја договараме Универзална сала за концерт, како круна на турнејата низ Македонија, сигурни дека ќе направиме извонреден концерт во преполна сала. Остана само да направиме извонреден концерт. И еве зошто. Во тоа време имаше пејџери и на секои дваесетина минути го празнев пејџерот од пораки на луѓе што ми бараа гратис-карти за концертот. Цврсто решивме да се преброиме колку навистина вредиме и на тој концерт во Универзална не можеше пиле да прелета без карта. Пејџерот го фрлив низ прозор и се раатисав од гратис-барачите. Вкупно успеавме да продадеме 712 карти или, со други зборови, полу-празна Универзална сала.
Направивме одлична свирка, со невестите седнавме во ‘Боеми’ после концертот, бапнавме по некоја ракија, се извеселивме со песна и јас некаде рано наутро им соопштив на останатите дека сум изморен од сѐ и дека ми е доста.
Никој не се противеше и мислам дека сите го имаа истото чувство. Така ‘Меморија’ го заврши првиот квартал од своето постоење“, раскажа музичарот.


