Берлин со необична иницијатива за почист град — туристите ќе добиваат награди за собирање отпад
Берлин се стреми да ја подобри градската хигиена и да го надмине имиџот на „валкан“ град, па градските власти сè посериозно се справуваат со проблемот со отпадот. Оваа година значително е зголемен буџетот на градската комунална служба „Берлинер Стадтрајнигунгсбетрибе“ – БСР (Berliner Stadtreinigungsbetriebe), кој достигна 173 милиони евра, што претставува раст од речиси 14 проценти во однос на минатата година, а се најавува и дополнително зголемување во 2027 година, пишува „Берлинер“.
Препорачано
Сепак, и покрај поголемите вложувања, проблемот со отпадот и понатаму е присутен низ градот, а особено загрижува состојбата покрај реката Шпре, каде што често се насобира ѓубре. Во меѓувреме, дел од локалните иницијативи и волонтери продолжуваат да го одржуваат градот чист, додека ефектот на јавните кампањи на комуналната служба останува тема на дебата.
Во тој контекст се појавува и нова идеја: туристите да се вклучат во собирање отпад. Моделот се инспирира од програмата „КопенПеј“ во Копенхаген, која од 2024 година им нуди на туристите разни поволности – како бесплатен влез во атракции, водени тури или пијалаци – во замена за учество во акции за чистење на градот.
Сличната иницијатива во Берлин, неофицијално наречена „БерлинПеј“, би предвидувала туристите да добиваат ваучери за учество во акции за вадење отпад од водите на градот. Сè уште не е прецизирано каде точно би можеле да се користат овие ваучери, бидејќи градот во моментов бара институции и партнери што би се вклучиле во програмата.
Според најавите, деталите за концептот би можеле да бидат познати пред празникот Педесетница, кога се очекува и официјална презентација на идејата.
„Сакаме да го следиме примерот на Копенхаген кога станува збор за чистотата“, изјави сенаторката за економија Франциска Гифај од СПД во интервју за „БИЛД“, која прва ја објави информацијата за предлог-програмата.
Идејата за ангажирање посетители веќе делумно е тестирана преку иницијативата „Зелен кајак“, во рамки на која учесници со кајаци собираат отпад што плови по Шпре. Градските власти се надеваат дека дополнителните поволности би можеле да привлечат повеќе волонтери, но и да го зголемат интересот на туристите за посета на Берлин, кој во последниот период се соочува со предизвици во туристичкиот сектор.


