„Бегемот“ го објави дистопискиот роман „Калокаин“ од шведската писателка Карин Боје
Делото „Калокаин“ е дистописки роман од 1940 година од шведската писателка Карин Боје, кој предвидува иднина на мониториран терор во тоталитарна држава.
Препорачано
Гледан низ очите на идеалистичкиот научник Лео Кал, романот е приказ на беспрекорна тоталитарна држава. Важен аспект се односите и врските меѓу ликовите, како што е бракот на главниот лик и неговата сопруга Линда Кал и чувствата на љубомора и сомнеж што можат да се појават во општество со силен надзор и правна несигурност.
Друга централна тема е криминализацијата на мислите. Поединецот е непожелен, тој е дел од државата, а преку ефектите на калокаинот, нападнато е последното засолниште на индивидуалните мисли.
Романот е сместен некаде во 2000-тите, заплетот се фокусира на Лео Кал и е напишан во форма на дневник или мемоар. Лео е научник што живее во Хемискиот град, првично е многу лојален на владата и го развива серумот калокаин, наречен според него. Кога ќе му се вбризга на испитаникот, серумот предизвикува тој да открие сè што знае, дури и нешта за кои не бил свесен, што претставува метафора за неконтролиран надзор во една тоталитарна држава.
„Калокаин“ бил инспириран од современите настани во Советскиот Сојуз и нацистичка Германија во 30-тите години на минатиот век. Романот бил дел од амбицијата на Боје да се бори против тоталитаризмот и бил сосема различен од сè што напишала претходно.
Во „Калокаин“, Боје го вклучила својот поглед на светот врз основа на своите искуства со христијанството и црквата, посветеноста на политичкото левичарско движење, мировното движење од 30-тите години на 20 век и феминизмот.
Карин Марија Боје (1900 – 1941) е шведска поетеса и прозаистка. Во Шведска се прославила главно како поетеса, додека во светски рамки е најпозната како романописец по романот „Калокаин“ (1940). Авторка е на неколку познати поетски збирки, за кои добива големи признанија во Шведска. Благодарение на поетското творештво, Боје е и долгогодишен член на шведската литературна институција „Самфундет Де Нио (Samfundet De Nio)“, сѐ до смртта.
На меѓународно ниво се прославила со романот „Калокаин“, кој претставува визија на тоталитарна држава, слична на тие од романите „Нов прекрасен свет“ на Алдос Хаксли и „1984“ од Џорџ Орвел.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 322, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28.2.-1.3.2026)


