Бебешката формула „аптамил“ се повлекува во десетици земји, Франција истражува смрт на две бебиња
Откако Агенцијата за храна и ветеринарство вчера соопшти дека од македонскиот пазар се повлекува бебешка формула поради сомневање за опасна контаминација, денеска регионалните медиуми објавија дека истиот производ се повлекува во Хрватска и десетици други земји, додека во Франција се истражуваат смртни случаи на бебиња кои консумирале од истата формула.
Препорачано
– Хрватскиот Државен инспекторат во среда информираше дека од пазарот се повлекува Aptamil AR 2, преодна храна за доенчиња од 6 месеци па нагоре, наменета за посебни медицински потреби, пакување од 400 грама. Причината е можно присуство на цереулиден токсин, опасна супстанција која може да настане при микробиолошка контаминација – соопшти Јутарњи лист.
Се повлекува бебешката храна „аптамил“ – тие што веќе ја купиле да ја вратат
Повлекувањето се однесува исклучиво на производи со рок на употреба до 2 јануари 2027 година, со ЛОТ-број BBD: 2027.01.02. Како што наведуваат хрватските власти, производителот преку сопствени интерни тестирања утврдил можно присуство на токсинот, поради што производот не ги исполнува пропишаните микробиолошки критериуми.
– Случајот во Хрватска е дел од поширок европски контекст. Во Франција, здравствените власти истражуваат смрт на две бебиња кои, според достапните информации, консумирале млеко за бебиња од Nestlé, засегнато од повлекувањето. Засега не е научно потврдена директна причинско-последична врска меѓу производот и смртните случаи – пишува медиумот.
Во Белгија, пак, е потврден случај на заболување кај новороденче по консумирање контаминирана формула, при што лабораториските анализи покажале присуство на цереулид во примероци од столицата. Детето целосно се опоравило, а серискиот број на производот припаѓал на повлечените серии.
Француските власти информираат дека контаминацијата најверојатно потекнува од арахидонско (ARA) масло од кинески добавувач, клучна состојка во премиум формулите за бебиња. Поради тоа, кон крајот на 2025 и почетокот на 2026 година биле спроведени масовни повлекувања во десетици земји, при што беа опфатени повеќе производители и брендови, меѓу кои Nestlé, Lactalis и Danone, вклучително и производи од линијата Aptamil.
Од АХВ информираат дека и во Македонија е наредено повлекување на бебешката храна со наведениот лот и рок на употреба и апелираат до граѓаните кои веќе го купиле производот да не го користат и да го вратат на местото каде што е купен.


