Бебе почина од мистериозни причини, таткото бара одговори и одговорност од битолската болница

ЈЗУ Клиничка Болница „Др. Трифун Пановски“- Битола
ЈЗУ Клиничка Болница „Др. Трифун Пановски“- Битола /Фото: Фејсбук

Моето бебе Лука беше родено добро во битолската болница во петокот, но од мистериозни причини, после 18 часа криење од страна на персоналот на неонатологија во болницата во Битола ми беше соопштено дека е во критична состојба и мора да се транспортира итно за Скопје, а неколку часа подоцна ни се јавија дека го изгубиле за време на транспортот, вели за „Слободен печат“ Драгољуб Китоски од Ресен, татко на бебето.

Тој вели дека откако неговата сопруга Зимбрета Тунтевска се породила со царски рез во петокот се било во ред и со неа и со бебето. Барем така мислел, бидејќи никој од болницата не им кажал дека е поинаку. Меѓутоа, во петокот вечерта, неговата сопруга добила прашање од болничкиот персонал додека лежела на интензивна нега опоравувајќи се од царскиот рез – дали е алергична на нешто. Тука им станало сомнително дека нешто со бебето се случува.

-Ден после породувањето, отидов да го видам бебето. Ме испратија да купам пелени. Кога се вратив со пелените и побарав да го видам син ми Лука, докторката на неонатологија во Битола, ми кажа „бебето е во критична состојба, потребни се потписи од двајцата родители и итно да се транспортира за Скопје“.

Кога поминуваа со инкубаторот му ја видов само косичката, свртено беше со грб и не сум сигурен ниту дали беше живо ниту дали беше мртво, изјави таткото Китоски за „Слободен печат“.

Тој е лут што болницата 18 часа не ги информирала ниту него ниту неговата сопруга дека со бебето нешто не е во ред и што, за што вели дека „му ја одзеле шансата да се обиде да го спаси бебето, да го пренесе во приватна болница или во Скопје“.

-Зошто се чекало 18 часа и не ми била дадена шанса да му го спасам животот? Откако заминаа со транспортот за Скопје, сопругата доби повик во 17 часот и 25 минути во саботата „дали сте вие мајката на Лука, го загубивме бебето, направивме се што можевме“. Мојата сопруга загуби контакт со реалноста од таа болка и траума.

Не можам да ви опишам што помина таа и колку беше невозможно да се смири од таа болка и траума. Кога го вратија во Битола бебето, го открија чаршафот и ние двајцата го видовме. Нам живо не ни го дадоа да го видиме, а мртво можело, додава таткото.

Тој се обидел да поднесе кривични пријави против одговорните на одделот за неонатологија во Битолската болница и во полициска станица Ресен и во полициска станица Битола, но не му ги примале пријавите. Затоа сега бара адвокат и ќе оди во ОЈО Битола и ќе побара да биде отворен предмет.

„Слободен печат“ побара став од Клиничка болница „Трифун Пановски“ во Битола и од Клиниката за детски болести во Скопје каде што бебето било транспортирано во саботата во неговите последни часови.

Од Клиниката за детски болести во Скопје велат дека бебето било починато кога пристигнало.

На 15 јуни 2024 година (сабота), во 16 часот и 55 минути пристапи новородено машко бебе од Клиничка болница Битола без срцева акција и дишење. Веднаш се пристапи кон реанимациона постапка по протокол, но без одговор на истата.

Констатиран е егзитус леталис по што е вратено со екипа на медицински транспорт во матичната установа. Се работи за новородено старо 30 часа породено со царски рез во 38 гестациска недела, со родилна тежина од 3.620 грама и АПГАР кој првично бил 5, а потоа 7 и 7.

Новореното е препратено на Детската Клиника поради респираторен дистрес, со болничко возило во придружба на педијатар, велат од Клиниката за детски болести за „Слободен печат“.

Инаку, мајката на бебето има 33 години и ова ѝ било второ дете. Таа во „Слободен печат“ испрати докази дека редовно ја контролирала својата бременост.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот