Бавната украинска офанзива ги истенчува нервите на сојузниците
Претседателот Володимир Зеленски упорно ги отфрла критиките дека офанзивата е „разочарување“, но додава дека би била поефикасна ако Украина добие уште повеќе оружје од сојузниците, особено борбени авиони
Бавното напредување на украинските сили преку утврдените руски позиции на окупираната територија може да му создаде проблем на Киев во настојувањето да добива уште поголема воена и оружена поддршка од своите сојузници.
Препорачано
Во „пролетната“ офанзива, која почна дури во јуни, украинските сили не напредуваа ни приближно како во ланската „есенска“ операција, кога го ослободија Харков од обрачот, ги потиснаа руските сили кон југ кон Донбас и воспоставија контрола врз Херсон. Долгото зимско затишје им овозможи на Украинците да се опремат со ново и помоќно оружје, пред сѐ тенкови и долгострелни ракетни системи. Но, и Русите го искористија тој период за да ги заштитат окупираните територии со мински полиња и ровови, скроени токму за да спречат налет на тенкови и механизирана пешадија.
Претседателот Володимир Зеленски упорно ги отфрла критиките дека офанзивата е „разочарување“, но додава дека би била поефикасна ако Украина добие уште повеќе оружје од сојузниците, особено борбени авиони.
– Контраофанзивата е тешка. Таа се одвива веројатно побавно отколку што некои луѓе можеби сакаат или ја гледаат – изјави Зеленски пред новинари од латиноамерикански земји.
Претседателот, сепак, најави триумф против „деморализираните Руси“.
– Има замор во нашите очи, но во нивните има страв. А, тоа се две различни нешта – изјави Зеленски.
Мали шанси за голем пробив
Одбранбени аналитичари објаснуваат дека сегашните операции на украинските сили се само расчистување на теренот за главниот удар, кој би можел да биде спроведен некаде на есен.
– Тие сѐ уште ќе следат, во следните неколку недели, дали имаат шанси да остварат напредок. Но, ќе им биде екстремно тешко, речиси неверојатно, да направат напредок што би го променил балансот на војната – изјавил за Си-ен-ен западен дипломат што инсистирал на анонимност.
Демократскиот конгресмен Мајк Квигли, по средба со американски инструктори на украинските оклопни сили, изјави дека „ова е најтешкиот момент во војната“.
– Нашите брифинзи се трезвени. Ги потсетивме на предизвиците со кои се соочуваат – изјави конгресменот.
Друг американски дипломат цитиран од Си-ен-ен изразил убедување дека украинските сили ќе изнајдат начин да го пробијат рускиот повеќеслоен одбранбен бедем.
– Сите ние знаеме дека ова ќе се одвива потешко и побавно отколку што било кој од нас би сакал, особено Украинците, но сѐ уште веруваме дека имаат доволно време и простор за да забележат напредок – изјавил анонимниот дипломат.
Борците даваат сѐ од себе
Координаторот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби, завчера изјави дека „и украинскиот претседател Зеленски е свесен дека напредувањето нема да биде толку големо и толку брзо колку што би сакал“.
– Тие забележуваат напредок, но тој е мал и бавен и не е без тешкотии. Но, тие настојуваат, уште туркаат. На фронтот има активни борби, тие дефинитивно се обидуваат да притиснат. Колку далеку ќе стигнат, до каде ќе стигнат, каков пробив би можеле да направат, мислам дека никој сега не може да каже. Наше е да останеме цврсто зад нив и да ги поддржуваме – изјави Кирби.
Други западни функционери се загрижени дека есента и влошувањето на климатските услови може целосно да ја запре офанзивата, поради што се стеснува временскиот прозорец за Украинците. Тие ја сметаат бавната офанзива и за сведоштво колку е тешко да се трансформираат украинските сили во комбинирани механизирани борбени единици со сосема ново оружје на кое се обучувале едвај осум недели.
– Отсуството на напредок на фронтот е една од причините зошто зачестија украинските напади со беспилотни летала врз цели на руската територија, со цел да се покаже дека и Русија е ранлива – изјавил за Си-ен-ен висок американски офицер.

Шефот на украинските оружени сили, генералот Валериј Залужњи, го известил својот американски колега Марк Мили дека украинските сили „чекор по чекор создаваат услови за напредување“.
– Нашите борци даваат сѐ од себе. Непријателот спроведува активни контраакции од повеќе правци, но без успех. Продолжуваат тешките битки. Украинските сили, чекор по чекор, продолжуваат да создаваат услови за напредување. Иницијативата е на наша страна – му порачал Залужњи на Мили.
Нереален оптимизам
Западни функционери забележуваат дека стивнатиот оптимизам на Киев сведочи дека очекувањата пред офанзивата биле „нереални“. Опасноста сега е дека западните сојузници би можеле да го зголемат притисокот врз Украина да размислува и на мировни преговори, на кои, ако ситуацијата не се промени, тешко би можела да постигне мир без да отстапи своја територија.
Пензионираниот американски генерал Марк Хертлинг повикува да се почека на исходот од офанзивата.
– На почетокот на војната многумина аналитичари беа убедени дека Украина нема да може да ја запре Русија, а украинските сили го докажаа спротивното. Сега има многу коментари што се случува, но Украина ја спроведува најтешката од сите мисии и за тоа е потребно време – изјави Хертлинг.
За да може Киев да го добие оружјето што го бара, ставот на пензионираниот генерал би морале да го прифатат и конгресмените. Анкета спроведена минатата недела покажува дека 55 отсто од гласачите во САД се против одобрување уште средства за поддршка на Украина, 51 отсто изјавиле дека Америка веќе дала доволно помош, а 48 отсто рекле дека треба да помогнат повеќе. Впечатлив е јазот на политичка основа – дури 71 отсто од републиканците сметаат дека Конгресот не треба да издвојува повеќе пари за Украина, а 62 од демократите се за испраќање повеќе помош.

Украински успеси на фронтот би ги охрабриле да продолжат да одобруваат воена помош иако сѐ уште не се наѕира крај на војната. За ова прашање се расправало и на собирот во Саудиска Арабија, на кој претставници од близу 40 земји дискутирале за можни мировни решенија. Киев инсистира Украина да го задржи територијалниот интегритет од 1991 година, што го вклучува и анектираниот полуостров Крим.
Киев за шест месеци ќе добие 49 тенкови „леопард 1“
САД и Европа сѐ уште активно го снабдуваат Киев со ново оружје. „Неименувана голема европска земја“ завчера купила 49 користени белгиски тенкови „леопард 1“ со цел да ѝ ги испорача на Украина. Моделите „леопард 1“ се со многу постара технологија од помодерните „леопард 2“, но белгиските тенкови биле надградени пред три децении.
Фреди Верслијс, директор на приватната одбранбена компанија „ОИП ленд системс“ изјавил за „Гардијан“ дека тенковите би можеле да бидат на бојното поле најдоцна за шест месеци. Верслијс истакна дека деталите од договорот се строго доверливи, но истакна дека неговата компанија во 2014 година купила 50 тенкови од белгиската армија за по 37.000 евра. Десетина тенкови ќе бидат користени за резервни делови, а другите ќе бидат обновени и прилагодени за потребите на украинската армија. Оваа компанија неодамна му продала на Обединетото Кралство 46 лесни оклопни возила „М113“, кои потоа ѝ биле доставени на Украина.
Весникот „Ханделсблат“ тврди дека посредникот во новата зделка е германскиот производител на оружје „Рајнметал“.


