Баша: Рама ги нападна косовските лидери како уличар

фото: МИА

Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша остро реагираше на изјавата на премиерот Еди Рама за неприсуството на Косово на состанокот на иницијативата „Мини шенген”, што се одржа во Тирана, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Го осудувам уличарскиот напад на Еди Рама врз политичките лидери во Косово и се извинувам во името на секој Албанец за овој неприфатлив чин. Говорот на омраза кон косовските институции е достоен чин само за еден заложник на антиалбанизамот, како Еди Рама, напиша Баша на Твитер.

Тој и со порака дека „корумпираниот автократски вазалитет во Тирана брзо ќе заврши”.

– Косово е независна држава и Албанија има обврска да ја промовира и почитува независноста на Косово и нејзините институции. Времето на корумпираниот автократски вазалитет во Тирана кон непријателите и противниците на независноста на Косово ќе заврши многу наскоро, напиша Баша.

Поради одбивањето на поканата за учество на состанокот во Тирана од страна на Косово, албанскиот премиер Еди Рама меѓу другото им порача на косовските лидери дека со ваквата одлука се ставиле на позиција на губитници во регионот.

На состанокот на иницијативата „Мини шенген” учествуваа премиерот Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ, домаќинот Еди Рама, кои беа и на состаноците во Нови Сад и Охрид и за првпат црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ. Четвртиот состанок ќе се одржи во Белград следниот месец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот