Банско отворено за скијачи и покрај негодувањата на Меркел

epa08162883 Winner Elena Curtoni of Italy in action during the Women's Downhill race at the FIS Alpine Skiing World Cup in Bansko, Bulgaria on 25 January 2020. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ски центрите Боровец, Банско и Пампорово ги исполнуваат условите како резултат на сериозните инвестиции и не претставуваат опасност по здравјето на посетителите, објави бугарското Министерство за туризам, по повикот на германската канцеларка Ангела Меркел да ги затвори зимските центри во Европската унија поради состојбата со коронавирусот, пренесуваат бугарските медиуми.

– Ќе го кажам тоа директно – нема да биде лесно, но ќе се обидеме, изјави Меркел по состанокот со шефовите на регионалните влади.

Жариште на епидемијата на коронавирусот на почетокот на годината беа токму скијачки центри во Европа, а целта сега е да се избегне повторување на случајот со австрискиот центар Ишгл, кој беше прво огниште на заразата поради бавна реакција и бизнис интереси.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте веќе ја поддржа идејата на Германија за одложување на почетокот на ски сезоната. Според него, сепак, ќе биде потребно заедничко решение.

– Ако Италија одлучи да ги затвори своите скијачки центри, но без поддршка од Франција, Австрија и други земји, тогаш Италијанците ќе ризикуваат да заминат таму, враќајќи ја заразата дома, изјави Конте.

Австрија исто така изрази загриженост за овој план. Министерот за финансии Гернот Блумел рече дека ако ЕУ ги принуди ски-центрите да останат затворени, „тогаш ќе мора да се плати за тоа“.

Досега единствена држава која категорично ја откажа понудата на канцеларката Меркел е Бугарија. Од Министертвото во Софија соопштија дека инспекциите потврдиле дека во ски центрите се почитуваат мерките и дека ќе го сочуваат приматот на дестинација безбедна по здравјето.

– Мерките ги опфаќаат активностите на лифтовите со кабини, оние со седење и класичните ски-лифтови. Туристите мора да ги покријат носот и устата со маска или друга заштитна опрема кога престојуваат во кабината и стартните точки. Бројот на патници во затворениот лифт може да биде ограничен по избор на операторот. Кабините треба да се дезинфицираат според распоред. Групите во ски училиштата не можат да надминуваат десет лица, се вели во соопштението на бугарското министерство.

Како и претходните сезони, во Банско, Боровец и Пампорово, најмногу гости очекуваат од соседните балкански земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот