Балканската лига ги потврди Куманово и ТФТ, ќе се игра по изменет систем!

фото: balkanleague.net

Првата фаза е планирано да заврши на 26-27 јануари, 2021 година. Втората стартува на 2/3 март, а ќе заврши до 23/24 март, 2021 година.

Менаџментот на Балканската лига (БИБЛ) го утврди системот и календарот за натпреварување во сезоната 2020/2021 во која Македонија ќе ја претставуваат екипите на Куманово и на ТФТ.

Нашите два претставници заедно со екипите на Берое – Стара Загора и Пловдив (Бугарија), Ибар – Рожаје (Црна Гора), и веројатно една екипа од Косово, ќе го сочинуваат оној балкански дел, кој според системот за натпреварување, ќе разигрува во една група во која секоја од екипите ќе одигра по десет натпревари (по пет на домашен и пет на гостински терен).

Претходно, ќе се одигра оној „израелски“ сегмент од БИБЛ лигата.

Вкупно 12.екипи, поделени во четири групи по три, ќе се борат за првата позиција. Во групата „А“се екипите на Хапоел Тел Авив, Бнеи Херцлија, Хапоел Хаифа. Во групата „Б“ Ирони Нахарија, Хапоел Галил Гилбоа, Макаби Хаифа, во групата „Ц“ се поставени Хапоел Холон, Хапоел Јоси Елијат и Ирони Нес Зиона, додека групата „Д“ е составена од Хапоел Бер Шева, Макаби Ришон Ле Зион и Хапоел Ерусалим.

Победниците од четирите групи во директни пресметки помеѓу себе, ќе одлучат кои ќе бидет двете најдобри кои ќе „влезат“ во втората фаза од натпреварувањето.

фото: фејсбук

ВТОРА ФАЗА

Во неа ќе бидат бидат вклучени четирите првопласирани екипи од балканската, и двете од израелската група на БИБЛ.

Ќе формираат две групи, „Ф“ и „Г“ во кои ќе има по две екипи од балканската и една екипа од израелската група. Ќе играат според „Раунд-робин“ системот (секој со секого, дома-гости).

Двете првопласирани екипи од двете групи ќе обезбедат директен пласман на „Фајнал-фор“ турнирот.

Екипите кои ќе завршат како второ, односно третопласирани во двете групи, според систем на елиминации (дома-гости), ќе ги детерминираат преостанатите два учесници на завршниот турнир.

ФИНАЛЕН ТУРНИР

Сите четири екипи кои ќе влезат во „големата четворка“ ќе може да поднесат кандидатура за домаќинство-организација на завршниот турнир на кој ќе се одиграат две полуфинални средби и една финална (нема натпревар за трето место).

Доколку две екипи од иста држава се пласираат во финалната фаза, ќе играат меѓусебно во полуфиналето.

КАЛЕНДАР

Официјалниот почеток на БИБЛ лигата ќе биде на 11 октомври, кога ќе стартуваат четирите турнири во Израел. Првиот натпревар, односно првото коло од регуларниот дел на Балканската лига, треба да се игра на 20. октомври.

Првата фаза е планирано да заврши на 26-27. јануари, 2021 година. Втората стартува на 2/3 март, а ќе заврши до 23/24 март, 2021 година.

Плеј-оф натпреварите ќе се играат на 30/31 март, односно 6/7 април. Финалниот турнир е предвидено да се игра од 16. до 18. април, 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот