Балетската претстава „Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин ја освои Верона

Сцена од претставата „Лејди Магбет“

Со бурни аплаузи и огромно одушевување, пред полн аудиториум, на 29 август била проследена претставата „Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин во изведба на Скопје танцовиот театар на сцената на театарот „Камплој“ во Верона, како дел од програмата на фестивалот „Верона Шекспир Фринге“.

Познавачите на Шекспир и неговото творештво, како и публиката биле маѓепсани од начинот на кој била презентирана идејата за Лејди Магбет, кореографијата, музиката и комплетната визуелизација на претставата. Посветеноста и извонредноста на изведувачите ја фасцинирале публиката, која на крајот ги наградила со аплаузи и овации.

На сцената настапиле Анастасија Данчевска како Лејди Магбет, Дејан Битровски како Магбет, Бобан Русески како Алтер его на Лејди Магбет, Сара Цветковска како Алтер его на Магбет, танчери на Скопје танцовиот театар и Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Клара Христовска и Јоана Благадуша, студенти на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, кои преку проектот „УГД – Чекор кон светот“ се дел од претставата.

По изведбата на претставата, танцовата компанија добила понуди за идни соработки, а можности се отворија и за соработка помеѓу универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот на Верона.

– Многу сме среќни од приемот и од одушевеноста која публиката ја покажа по изведбата на претставата. Драго ми е дека Скопје танцовиот театар повторно воспоставува мостови, ја презентира нашата земја на највисоко ниво и покажува извонредност во уметничките дострели. Сите танчери имаа брилијантност во изведбата, со голема посветеност кон својата професија и покажаа голем квалитет како уметници. Се радувам на идните можности и соработки – изјави Рисима Рисимкин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот