Бајден ризикува да биде неефикасен претседател

epa08797579 Democratic Candidate and former Vice President Joe Biden (L) speaks with Dr. Jill Biden at his Election Night event at the Chase Center in Wilmington, Delaware, USA, 03 November 2020. Americans vote on Election Day to choose the next President of the United States to serve from 2021 through 2024. EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Вистинската лекција од вторничките американски избори е дека со САД е речиси невозможно да се владее.

Натажените либерални срца за момент можат да бидат расположени заради фактот што Џо Бајден доби поддршка од повеќе гласачи од кој било друг во историјата на американските претседателски избори – до моментот кога ќе сфатат дека Доналд Трамп е на историското второ место во истата категорија. Тој дури го надмина и врвниот скор на Обама од изборите во 2008 година. А, вистинската лекција од рекордната избирачка излезност во вторникот е дека Америка е горчливо, енергично и речиси рамномерно поделена земја. Тоа е видливата позадина на двосмислениот мандат на г. Бајден.

Прашањето е што би можел да стори претседателот Бајден со таков мандат? Одговорот е многу помалку од тоа што дури и тој – најумерениот од демократските претенденти – би можел да се надева. Спречувајќи сериозен пораз, републиканците ќе ја сочуваат контролата врз американскиот Сенат. Во таков Сенат, г. Бајден би бил среќен кога би ги протуркал дури и најважните делови од неговата агенда, какви што се заложбите за јавна опција за американско здравствено осигурување, за големи инвестиции во „зелената технологија“ и за бесплатно школување за студентите од средната класа на колеџите.

Вторничките избори ги растурија американските прогресивци и нивните надежи за епохални промени. Нема шанса г. Бајден да биде во ситуација да ја спречи можноста за процедурален филибастер во Сенатот; да додаде нови држави, како Порторико и Дистриктот Колумбија, во сегашниот САД; или да го прошири составот на Врховниот суд. Дури и кога би се појавила празнина во Судот во кој сега односот на силите е 6-3 за републиканците, Мич МекКонел, републиканскиот водач на Сенатот, едноставно може да ја блокира номинацијата за нов судија од страна на Бајден. Најмногу за што може да се надева г. Бајден е скромен пакет од стимулативни мерки.

Во меѓувреме, ќе треба да се расправа со оставината на сегашниот „жител“ во Белата куќа. Доколку г. Бајден се доведе во позиција да се соочи со цел спектар на прашања за својата неефикасност, г. Трамп се заканува да произведе различна верзија од својот вид – ранет губитник склон кон одмазда.

Меланија и Доналд Трамп/ Фото: Profimedia

Шансите дека г. Трамп ќе се помири со поразот се тенки. Со недели би можел да ги блокира државите во кои за малку ги изгуби изборите во гласачки пребројувања и судски процеси. Слаби се шансите дека ќе пружи рака за соработка во единаесетте недели колку што следуваат до транзицијата на власта во јануари. Бајден ќе треба да се подготви за влегување во кабинетот „на слепо“. Од тоа може да има опипливи последици. На пример, тешко може да се замисли дека г. Трамп ќе ги сподели со него податоците за „операцијата светлосна брзина“ за доаѓање до вакцината за коронавирусот. Најмногу на што може да се надева г. Бајден е дека г. Трамп тивко ќе си замине, уништувајќи цела планина документи во Белата куќа.

Претседателствувањето на г. Бајден ризикува да биде фатено меѓу две непомирливи сили – тврдоглаво вкопаната трамповска десница и огорчената демократска левица. Отрезнувачката реалност за Трамповата најверојатно мала разлика во губењето на изборите е дека речиси ниту еден од неговото заговорничко друштво не ја сподели неговата судбина.

Линдзи Грем, сенаторот од Јужна Каролина, беше комотно реизбран, како и г. МекКонел. Демократите, пак, изгубија неколку мандати на своите конгресмени, во Преставничкиот дом. А, оние што нив ги заменуваат од Републиканската партија се „потрамповци“ од самиот Трамп. На пример, еден од новоизбраните конгресмени е Марџори Тејлор Грин, искрен поддржувач на QАnon, заговорничка група од крајната десница. Одвеани се шансите дека на овие избори ќе се „излечи“ републиканската грозница, како што неодамна се понадева г. Обама.

Според тоа, што би можел да направи г. Бајден? Најкусиот одговор е дека тој ќе се обиде да ја пронајде американската „средина“, којашто повеќе не постои. Какви „дилови“ и да постигне со г. МекКонел, ќе се оддалечи од демократската левица. Па, сепак, во недостаток на обид за двопартиска соработка, г. Бајден би постигнал малку.

Тоа го става г. МекКонел во надмоќна позиција. Некои работи, каков што е федералниот план за справување со епидемијата, може да се спроведе со извршни претседателски одлуки. Други, какви што се важните државни номинации за новите функционери, ќе треба да се соочат со републиканско одобрување. Затоа е за очекување дека г. Бајден ќе постави барем еден-двајца републиканци како членови на неговиот Кабинет. Левицата тоа ќе го дочека со неодобрување.

Само во надворешната политика г. Бајден ќе има слободен маневарски простор. Во тоа и лежи парадоксот. Американската демократија беше подложена на репутациски потсмев на светската сцена. А, мали се шансите изборите во 2020 година да го поправат тој впечаток. Луѓето надвор од САД знаат дека американската политика е рововска војна во која секоја страна постигнува мали придобивки по високо платена цена. Големите престројувања во светот се работа на минатото.

Сепак, светот повеќе ќе ја почувствува американската промена од мнозинството Американци. За неколку дена по превземањето на функцијата, г. Бајден ќе поништи половина од она што го направи г. Трамп. Повторно ќе се приклучи кон Парискиот договор за климатски промени, ќе се врати во Светската здравствена организација и, можеби, во Договорот за нуклеарните ограничувања со Иран. Но, шансите за подигнување на минималната плата во Америка се блиску до нула. И зголемувањето на даноците за богатите во Америка е надвор од планот.

Духот на г. Трамп ќе продолжи да ја демне Бајденовата Америка.


Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (7-8 ноември 2020) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот