Никица Бачовски - директор на АФПЗРР / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Бачовски: Македонија ги користи ИПАРД фондовите за успешна европска иднина

Програмскиот период за ИПАРД 2 се уште не е затворен со што се очекува сумата од 39 милиони евра, европски пари значително да порасне за македонските земјоделци, вели Никица Бачовски, директорот на Платежната агенција.

Македонија е лидер во регионот по искористување на европските пари. Искористеноста во двата програмски периоди на ИПАРД во Северна Македонија бележат различни бројки и резултати. Во првиот програмски период, односно ИПАРД 1 кон корисниците се исплатени 16 милиони евра. Во ИПАРД 2 до овој моментот се исплатени 39 милиони евра.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделство и рурален развој Никица Бачовски во интервју за „Слободен печат“ вели дека програмскиот период се уште не е затворен и се уште стигаат барања за исплата кои треба административно да се обработат, да се исконтролираат на терен и да се исплатат со што се очекува оваа сума значително да порасне. Според балканските статистики Македонија има двојно повеќе договори од сите држави од регионот наменети пред се за развој и европската перспектива.

СП: За кои мерки најмногу се искористени парите од ИПАРД 2?

-Ние максимално сме посветени на ИПАРД биидејќи се неповратни средства и мора да се трудиме да се искористат. Најголема е заинтересираноста во делот на инвестиции во модернизација на земјоделска механизација, реконструкција и ревитализација на повеќегодишни насади, иригациони системи, градба и опремување на преработувачки капацитети за овошје, зеленлук, месо и млеко, како и инвестиции во руралниот туризам и развој на микро бизниси во рурални средини. Од ИПАРД се финансираат системи за наводнување, градби, механизација.

СП: Што се друго може да се направи со овие фондови, за што може да се искористи финансиската помош?

-ИПАРД нуди доста широка лепеза на финансиска поддршка на различни видови на инвестиции. Во мерката за модернизација на земјоделските стопанства средствата може да се користат за набавка на садници, конструкција и реконстркција на фарми, помошни објекти, стакленици, пластеници, градби и опрема за пост – бербени активности, како и опрема за заштита на животната средина, конструкција и реконструкција на пристапните патишта на земјоделското стопанство и стопанскиот двор, оградување и слично. Во мерката пак за маркетинг и преработка на основни земјоделски производи може да се аплицира за изградба на објекти и опрема за преработка како што се млекарници, винарници, кланици, откупни центри, опрема и машини за конзервирање. Овие капацитети може да користат и финансиска поддршка за поставување на опрема за производство на обновливи извори на енергија за сопствено производство. Мерката 7 односно мерката за диверзификација на фарми и развој на мали бизниси нуди поддршка за алтернативно земјоделство (главно се користи во пчеларството), инвестиции во непрехрабена дејност, занаетчиски дејности како и во руралниот туризам односно изградба на сместувачки и угостителски капацитети во рурални средини како една од најатрактивните подмерки во самата мерка.

СП: Земјоделците имаа најмногу проблеми со собирањето и доставувањето на документи кога сакаа да аплицираат за европските пари. Се поедностави ли апликацијата која треба да се поднесе од нивна страна?

-За разлика од ИПАРД 1 добар дел од документите се набавуваат по службена должност, што е олеснителна околност за секој апликант. Како најнов момент кој го вметнуваме во следниот програмски период ИПАРД 3 е поедноставување во однос на документацијата која се поднесува во случај на инвестиции во градби. Имено, при аплицирање на повик од ИПАРД 3, корисникот нема да има потреба да ја доставува документацијата, односно одобрението за градба туку истото ќе се превзема од страна на службениците во ИПАРД Агенцијата по службена должност од веб страната www.gradezna-dozvola.com.

СП: Која е најголема инвестиција во пари финансирана со средства од ИПАРД?

-Најголемата сума која Агенцијата ја има исплатена како ко – финансирање на претходно одобрен проект е 136.3 милиони денари за инвестиција во откупно – преработувачки центар во скопски Петровец. Компанијата Џанвики е поддржана за својата green-field инвестиција во изградба на погон за преработка на земјоделски производи.

СП:Младите се се повеќе заинтересирани за европските пари и се повеќе апликанти за ИПАРД се од страна на млади земјоделци. Колку овие пари им помагаат во работењето?

-Напуштањето на младите на сектор земјоделство е глобална појава со која може да се борите само ако имате цврста финансиска поддршка која ќе ја препознаат младите. Еден од инструментите е ИПАРД програмата.

СП: ИПАРД 2 заврши. Се очекуваат средствата од ЕУ за следната програма. Од кога почнува ИПАРД 3?

-ИПАРД агенцијата заедно со останатата ИПАРД структура го подготвки акредитацискиот пакет за имплементација на ИПАРД ИИИ и истиот е испратен за одобрување во генералниот директорат за земјоделство и рурален развој при Европската комисија. Веднаш по неговото одобрување, Агенцијата ќе распише јавни повици кои траат од 45-60 дена. Очекуваме дека во третиот квартал од 2023 година ќе се исполнат сите предуслови за објавување на јавните повици. Во меѓувреме, Агенцијата и ресорното министерство спроведуваат кампања за публицитет во чии рамки се посетуваат населените места низ целата држава каде низ презентација, во присуство на земјоделци и останати заинтересирани странки се презентираат сите услови, критериуми и потребни документи кои еден апликант треба да ги знае и има во предвид пред самото аплицирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот