Азески: Не за странски работници, а за нашите поголеми плати само ако станат попродуктивни
Долгогодишниот прв човек на Стопанската комора, Бранко Азески, се изјасни против зголемениот увоз на работници од странство што го одобри Владата, но во исто време го повтори ставот дека домашните работници треба да добијат повисока минимална плата само доколку ја зголемат сегашната продуктивност, пренесе ТВ „24“.
Препорачано
Владата минатата недела утврди зголемена квота од 10.000 работни дозволи за странски државјани за годинава, која стапи на сила на 16 јануари.
Недостигот на стручен кадар, односно на обучени и способни работници, според Азески, не е вина на компаниите чиишто интереси тој ги застапува, туку на лошото образование во Македонија. За работниците-странци, тој вели дека тоа се „луѓе чија цел не е Македонија, туку некоја поразвиена земја од нас“.
„Ако констатираме дека долги години образованието не испорачува кадар за потребите на бизнисот, ова е резултат што сега го гледаме и ќе мораме да увеземе работна рака. Но, земјите од каде што доаѓаат, мислам дека за нив Македонија е транзитна земја зашто и тие вакви не не перцепираат, бараат поразвиени земји. Се наоѓаме во ситуација на геополитичко преструктуирање во кое се измешаа работите на секој план, особено во однос на квалификуваната работна сила и не можат да се дадат прецизни дефиниции, но ние настојуваме прашањето да го решиме сами и да ги оспособиме нашите луѓе зашто менталитетот и навиките за работа на луѓето кои доѓаат се подруги и треба предимство да добијат домашните субјекти. Тоа го правиме преку дуалното образование, 500 училишта и компании имаат склучено такви договори, а работиме и во делот на високото образование, лично ова би го третирал како прашање кое е моментално актуелно и би бил мотивиран побрзо да си ги решиме работите, да оспособиме наш кадар“, рече Азески.
Тој смета дека актуелниот број на регистрирани невработени луѓе во земјава не е реален и дека многу малку од официјално невработените активно се пријавуваат на огласите за работа.
Претседателот на СКМ го повтори ставот на Комората дека таа не е против зголемување на минималната плата, но и дека тоа мора да биде врзано за порастот на продуктивноста на работниците и намалувањето на трошоците на работодавците.


