Во филмот игра цела генерација млади актерки и актери

Авторски крик за будење на општеството носи филмот „17“ во режија на Косара Митиќ

Новиот македонски игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски ќе се натпреварува за награда на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Берлин.

Долгометражниот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ е дел од селекцијата „Перспективи“ на „Берлинале 2026“, која опфаќа исклучителни филмски таленти ширум светот кои дебитираат на интернационалната филмска сцена. Оваа селекција на филмови е од компетитивен карактер, а дава особена важност на уникатните перспективи со храбар кинематографски израз.

За домашната кинематографија, учеството на македонски филм во ваква светски афирмирана селекција значи потврда дека нашата земја продолжува да биде расадник на филмски таленти кои ја обликуваат модерната македонска кинематографија и ја промовираат Македонија надвор од границите на земјата, на светско ниво.

Информацијата за селекцијата на „17“ на еден од најпрестижните филмски фестивали на светско ниво беше споделена на прес-конференција во „Лабораториум“ на која учествуваа продуцентот Томи Салковски, режисерката Косара Митиќ, младите актерки Ева Костиќ и Мартина Даниловска, како и директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски, а модератор беше новинарката Ана Зафирова.

Прес-конференција во „Лабораториум“

– Филмот „17“ претставува авторски крик за будење на општеството. Темата на филмот директно ги третира проблемите на новите генерации, кои не сакаме да признаеме дека постојат. Успехот на филмот кој, несебично го очекував уште во фазата на неговите подготовки, се случи. Селекцијата во програмата „Перспективи“ на „Берлинале“ е потврда дека навистина на филмот му претстои светла иднина. Соработката со Косара Митиќ на нејзиниот долгометражен првенец и младата актерска екипа потврдуваат дека македонскиот филм може и има потенцијал – изјави Томи Салковски, продуцент на филмот.

Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.

– Од самиот почеток знаев дека ова не е приказна што можам да ја „прифатам“, посебно на мојот прв долгометражен филм. Вистинскиот настан зад „17“ носи тежина надвор од киното, па затоа мојата прва одговорност беше етичка, а не уметничка. Формално, се спротивставив на сензационализмот, работејќи наместо тоа со отсуство и воздржаност. Она што останува невидено или неискажано одразува како насилството често се нормализира или игнорира. Филмот не нуди одговори – тој ја замолува публиката да преземе одговорност за тишините што сè уште постојат. Благодарам, пред сè, на актерската екипа која не само професионално, туку и лично длабоко навлезе во филмските ликови пред камерата – изјави режисерката Косара Митиќ.

Сцена од филмот „17“ со актерката Ева Костиќ / Фотографија: „Црна мачка продукција“

Сценариото за „17“ е инспирирано од настан од реалниот живот, но приказната во филмот не зборува за настан, туку за состојба и се занимава со општествената одговорност.

– Филмот „17“ на Косара Митиќ е уште еден доказ дека македонската кинематографија има сериозен исчекор пред сите кинематографии во регионот. По успехот на „Диџеј Ахмет“ на „Санденс“ и „Мајка“ во Венеција, следува „17“ на „Берлинале“, што покажува дека македонскиот филм, и покрај условите во кои опстојуваше, е најсилен национален културен промотор. Косара е авторка која Агенцијата континуирано ја поддржуваше преку нејзините претходни три кратки филмови („Намини бар еднаш“, „Роденден“ и „Црвената соба“) и авторка која органски расте. Убеден сум дека ова е почеток на нејзината плодна кариера. Системските промени кои Агенцијата за филм моментално ги спроведува се наменети токму за стимулирање и поддршка на ваков тип модерни филмови и модерни автори – изјави Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм.

Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм

Филмот е продуциран од „Црна мачка продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски филмски фестивал.

Продукцијата на филмот почна во април 2024 година. Кинематографер е Наум Доксевски. Снимањето беше реализирано во Скопје, Битола и на други локации низ државата. Меѓународната продажба на филмот ја преземаат реномираните „Tотем филмс“ со седиште во Париз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот