Насловна корица на сликовницата „Полжавчето што си го најде патот“

Авторката Билјана Лотеска ја објави најчудната сликовница за деца

Книгата за деца со наслов „Полжавчето што си го најде патот“ од Билјана Лотеска е најчудното и најоригиналното издание кај нас и во светот. Издавач на книгата е „Едука Мак“ од Скопје, издавачката куќа специјализирана за издавање на литература за деца и млади.

Во книгата „Полжавчето што си го најде патот“ текстот се чита од средината надесно или налево и обратно. Детето само го избира патот по кој ќе појде да ги чита двете исти, а во основа толку различни приказни, обединети во една книга што завршува со среќен крај.

„Ова е книга што не се чита, туку се доживува и поучува бидејќи детето е поставено во активна улога на креатор, истражувач и носител на одлуки, кои подоцна стануваат составен дел од неговиот секојдневен живот, а родителот ја има улогата на поддржувач и помошник на своето дете, при читањето. Затоа што секое читање отвора нова возбуда, секој пат носи нова емоција и секое дете на приказната ѝ дава свој уникатен крај“, истакнува авторката Билјана Лотеска.

Преку оваа нежна, исклучително терапевтска приказна, децата природно учат за храброст, трпеливост, добрина и самодоверба и уште многу нешта, станувајќи активен дел од раскажувањето. Ова е книга што поттикнува на самостојност, ја развива емоционалната интелигенција и ја претвора приказната во интерактивно патување. Поради ова, таа е и најчудната книга објавена во Македонија. Во тоа максимално помагаат и оригиналните илустрации од Бисера Лотеска.

„Полжавчето што си го најде патот“ е трета книга на писателката Билјана Лотеска. Првата книга што ја објави со наслов „Жолти чорапи“ беше најпродавано издание на издавачот „Арс Ламина“, а истата издавачка куќа ги објави и нејзините два прирачника за работа во воспитните групи на деца со наслов „Детска планета“ за 3-4 години и „Детска планета“ за 5-6 години. По ова, Лотеска ја објавува и книгата „Пчеличката Баз“ наменета, исто така, за децата, во издание на издавачката куќа „Едука Мак“.

Оттука, таа сето свое знаење како воспитувач и психолог го преточи и во новата книга „Полжавчето што си го најде патот“ наменета за радосно и успешно растење на децата во ова мошне динамично време на живеење, што, пак, ја прави оваа книга уште позначајна за децата заради својата терапевтска улога.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 332, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.5.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот