Австралискиот премиер Ентони Албанезе и Кајли Миног / Фото: Profimedia/EPA

ВИДЕО | Австралискиот премиер кажа дека „би спиел“ со Кајли Миног, па мораше јавно да ѝ се извини

Австралискиот премиер Ентони Албанезе јавно им се извини на граѓаните поради коментарите што ги даде за поп-ѕвездата Кајли Миног за време на гостување во поткаст, откако беше обвинет дека се несоодветни и сексистички, објави Би-би-си.

Албанезе минатата недела гостуваше во поткастот „Bush Deep“, чија водителка, комичарката Ники Озборн, го замоли да игра популарна игра во која требаше да избере со која личност би имал интимна врска, со која би се оженил, а со која би излегувал. Му беа понудени три познати Австралијки – Кајли Миног, актерката Никол Кидман и забавувачката Ронда Барчмор.

Премиерот најпрво се обиде да го избегне прашањето, потсетувајќи дека неодамна се оженил.

„Само шест месеци сум во брак“, рече тој.

Но, по дополнителното инсистирање од водителката, одговори: „Па, Кајли, секако.“

Кога Озборн го праша дали би ја оженил, би излегувал со неа или би имал интимна врска, Албанезе кусо одговори: „Сè од наведеното. Таа е прекрасна.“

Изјавата предизвика бурни реакции во Австралија. Независната пратеничка Зали Стегал оцени дека коментарите се „целосно несоодветни“ и порача дека премиерот требало да одбие да учествува во таква игра и да покаже пример.

Пратеничката од опозицијата Сара Хендерсон, пак, напиша дека изјавите биле „непочитување кон жените, срам за Австралија и недостојни за функцијата премиер“.

Во кратко соопштение објавено во понеделникот, Албанезе порача:

„Недвосмислено се извинувам за коментарите.“

Интервјуто било снимено во официјалната резиденција на премиерот во Канбера и било објавено кон крајот на минатата недела.

Вршителот на должноста премиер Ричард Марлс, кој моментално го заменува Албанезе за време на неговата посета на пацифичкиот регион, изјави дека владата е „целосно посветена на унапредувањето на положбата на жените во општеството“.

Во истото интервју, Албанезе беше прашан и кој е најнеобичниот подарок што го добил за време на странска посета. Тој раскажа дека тогашната јапонска премиерка Санае Такаичи му подарила две дињи, по што водителката се пошегува со навредлива споредба со актерката Памела Андерсон. Албанезе се насмевна и со рацете направи гест што алудираше на нејзините гради, што дополнително ги засили критиките кон неговото однесување.

ВИДЕО | „Ѝ љубоморев, поубава е од мене“: Мадона откри која пејачка ѝ била најголема конкуренција

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот