Бегалци од Авганистан во Македонија / Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Авганистанците може слободно да се движат низ Скопје, се подготвува и посебна автобуска линија до центар и назад

На ниту еден од 149те  авганистанци кои пристигнаа во Скопје не им е забрането излегувањето од хотел „Белви“, каде што се сместени, ниту пак им е ограничено движењето низ градот и државата, велат од Влада за „Слободен печат“.

-Мигрантите кои дојдоа од Авганистан имаат 90 дневна виза за престој во државава. Се очекува дека тоа е доволно време за да ги подготват сите потребни документи и да заминат на нивната крајна дестинација. Од друга страна, со самото регулирање на нивниот престој, се регулира и нивното право на слободно движење, одговорија од Владата.

Нивниот престој сепак го обезбедува МВР, за како што велат, да нема постојан контакт со населението или новинарите.

– Станува збор за мирољубиво население на кое Северна Македонија му пружа безбедност, и поддршка за време на престојот. Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност ги извршуваат сите оперативни, безбедносни и административни процедури во соработка со странските партнерски служби, дополнуваат од Владата.

Се обидовме да направиме паралела со мигрантите сместени во прифатните центри, на кои им е забрането да ги напуштаат центрите, по што ни беше укажано дека ниту една споредба не е возможна затоа што се работи на различна категорија на граѓани.

-Мигрантите од Авганистан кои добија 30 дневен престој се соработници на НАТО, американската војска, па дури и на нашата војска која беше на мисија во Авганистан, додека останатите мигранти сместени во прифатните центри немаат регулиран статус ниту престој, поради што не смеат да ги напуштат капацитетите каде што се сместени, објаснуваат од МВР.

За полесно движење на мигрантите Црвениот крст на Град Скопје е во преговори со Градот, за да обезбеди автобус кој два пати во текот на еден ден ќе тргнува и ќе се враќа во Белви, а уште првиот ден им биле поделени мапа на градот и брошура.

-Бидејќи движењето на лицата сместени во хотел Белви не е ограничено, ние се потрудивме како добри домаќини да го направиме нивниот престој попријатен. Има и такви кои самоиницијативно со сопствен превоз се прошетаа до центарот на Скопје, но за останатите кои не се во можност се обидуваме да организираме посебна автобуска линија, вели секретарот на Црвен крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска.

Таа додава дека на мигрантите им се обезбедени и фризерски и берберски услуги во рамки на хотелот, а од вчера е во функција и катче за информации со пристап до интернет кој ќе им служи за подготовки за нивната финална дестинација, како и детско катче кое функционира во периодот од 10 до 17 часот.

– Помеѓу мигрантите кои пристигнаа има 55 лица кои се под 18 годишна возраст. За малите деца и бебиња имаме обезбедено посебна исхрана, а исто така и посебна исхрана има и за хронично болните. Во хотелот каде што се сместени однесовме и маслиново масло и зелен чај со цел да не доживеат голем културолошки шок, бидејќи тоа се намирници на кои се навикнати.  Исто така обезбедивме и облека, обувки и хигиенски средства, а подмирени се потребите и на новородениот Ислам кој си доби транспортер, бебешка облека и се што му е потребно, објаснува Тунева.

Сите 150 мигранти се негативни на Ковид, а 59 од нив изразиле желба да бидат вакцинирани.

Од Владата не соопштуваат кога се очекува да пристигнат останатите мигранти, но велат можно е во наредните денови, со оглед на тоа што дадена е согласност за прием на 780 мигранти, а пристигнати се 149.

Истовремено во американската воена база во Германија се наоѓаат околу 17.000 бегалци. Таму чекаат понатамошен транспорт до САД, откако беа пренесени со авион од Кабул, изјавија американски воени претставници, јави ДПА.

-Околу 12.000 Авганистанци во моментов се проверуваат во воздухопловната база Рамштајн во западна Германија, изјави  командантот на американските сили во Европа, генерал Тод Волтерс преку видео-врска од Пентагон.

Други 5.000 Авганистанци во моментов се наоѓаат во касарната Рајн Орденс во Кајзерслаутерн, недалеку од Рамштајн, додаде тој, додека околу 4.300 беа во американските бази во Италија и Шпанија. Волтерс рече дека луѓето се проверуваат двапати пред да продолжат со патувањето во САД – еднаш по пристигнувањето и непосредно пред поаѓање.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот