Атиџе од „Медена земја“ низ солзи: Помогнете ми луѓе, се плашам за сопствениот живот

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Полицијата не сака да ми помогне, ве молам помогнете ми некако. Многу сум уплашена и вака повеќе не можам да живеам, изјавила низ солзи Атиџе Муратова, хероината од оскаровскиот документарец „Медена земја“, во телефонскиот разговор за порталот mms.mk.

Таа вели дека повторно има проблеми со соседот, кој со своето семејство, исто така, се појавува во документарецот.

– Јас сум во Бекирлија, заедно со брат ми, кој е болен и само соседот е тука. Нема никој друг. Досега ми направил многу штета, но сега решив јавно да проговорам бидејки ми е страв од него. Колку е постар толку станува поневозможно да се комуницира со него. Сите викаат не е нормален ама не може тоа така. Ми го бутна ѕидот кај што ја чувам кравата за да ми избега. Па, ако избега кравата јас со кои пари ќе купам нова. Му реков зошто го правиш ова, а тој се нафрли кон мене да се дере. Многу сум уплашена, еден ден ќе ме убие и никому ништо“, раскажува Муратова.

Таа вели дека за случајот се јавила и во полиција во Свети Николе од каде, според неа, и рекле да оди пријави на лице место.

– Ми рекоа дојди тука, а како да одам. Се запрашале ли дали имам пари да отидам од Бекирлија до таму. И згора на тоа полицајката ми рече „вие сте Турци, како брат и сестра, ќе се смирите. Ако така ми вика, како јас да објаснам дека ми е страв од него, дека не е прв пат. Сум го пријавувала досега многу пати но, полицијата ќе дојде, ќе го опомене и толку. Не се живее веќе вака во страв. Апелирам за помош. Луѓе ми викаат, остави го не е со сите. Е, па ајде и јас да извадам документ дека не сум со сите и да ги малтретирам лугето. Од ден на ден се полош и полош“, вели Муратова.

Таа се жали дека соседот и го уништил животот, а тврди дека била нападната и од неговото куче.

– Неговото куче ме искасапи. Ме уништи, пчелите ми ги украде и секој ден провоцира со нешто ново. Сега дојде момент да ми ги руши ѕидовите. Ако не ми помогне полицијата, бидејки ме сметаат за Турчинка да се обратам ли во турска амбасада. Што да направам? – Навистина ми е многу тешко. Тој прави проблеми и во Дорфулија ама во Бекирлија нема никој. Сама сум со болен брат ми. Луѓе ми даваат поддршка, ме сожалуваат, ама нема каде да бегам. Тој ми е сосед и во Бекирлија и во Дорфулија, потенцира Муратова.

Вели дека никому не наштетила и не видела никакво зло од луѓето, но случајот со соседот е неиздржлив за неа.

– Како да го тужам кога прво полицијата не ми помага, а од каде да најдам пари за суд,“, раскажала Атиџе низ солзи за mms.mk.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот