Арсовска: За пет години приватните превозници не пријавиле ниту една продадена карта во автобус

Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје / Фото: Данела Арсовска, Фејсбук
Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје / Фото: Данела Арсовска, Фејсбук

Град Скопје ќе изготви и нов јавен повик каде што на секој од досегашните поединечни превозници ќе му биде понудено директно и индивидуално да аплицира, да добие линија за возење, со исполнување на условите кои ќе бидат објавени во јавниот повик и се со цел да може да се обезбеди соодветен јавен превоз

Од 2017 до 2022 година приватните автобуски превозници организирани во двете здруженија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ не пријавиле ниту една продадена карта во автобус, а побарувале средства од ЈСП „Скопје“ за изминати 400.000 километри месечно, со што вршеле двојна наплата за услугата која ја вршат, обвини градоначалничката Данела Арсовска.

Таа објаснувајќи ја постапката за наплата на средства истакна дека, ЈСП „Скопје“ склучува договори со приватните автобуски превозници, како што рече, во случајот со здруженијата „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ кои застапуваат приватни превозници, врз основа на кои, ЈСП според договорот има обврска на приватните превозници да им исплаќа по едно евро, а по зголемувањето на дериватите по скоро 1,5 евро од извозен километар.

– Приватните превозници согласно член 5 од нивниот договор имаат обврска продадените билети да ги потврдат со фискална сметка, да ги валидираат во интегрираниот систем на ЈСП „Скопје“, кога ќе го направат тоа, од вкупната сума која ЈСП „Скопје“ им ја должи за секој изминат километар се одбива сумата која што ја наплатиле од продадените билети односно која што ја оствариле. Тоа значи дека доколку на пример денеска возат и остварат профит од одредена сума од страна на граѓаните за продадени билети за возење во јавниот превоз во Скопје од страна на овие два превозника организатора на приватен автобуски превоз, остатокот кој што треба да се доплати им го доплаќа Градот Скопје базирано врз основа на тоа колку тие имаат пријавено дека генерирале приход во текот на целиот месец по ден – објасни Арсовска.

Градоначалничката меѓу другото вели и дека секој месец превозниците пријавувале дека возеле по 400 000 километри а во време на превоз на патници не пријавувале продажба на карти.

– Јас можам само да изразам жалење што ќе ги разочарам и ќе кажам дека ниту Градот Скопје ниту ЈСП нема да бидат дел од криминал кој што се одвива од 2017 година – вели градоначалничката.

Превозниците фактурирале по 400 000 евра од ЈСП месечно

Според неа, она што е евидентно од аналитичките картички со кој што е евидентирано финансиското работење коешто произлегува од договорот со приватните превозници, од крајот на 2017 година се до овој момент немаат пријавено во продажба ниту еден продаден билет во автобусите, иако пријавувале дека возеле околу 400 000 километри на месец, и за ова пресметувале во 1 евро за извозен километар кој што го фактурирале до ЈСП.

– Наплаќале билети, а тие пари не ги пријавувале, се ставале најверојатно во нечиј џеб а потоа фактурирале по 400 000 евра од ЈСП секој месец и оваа шема, добро разработена очигледно траела цели 5 години. Последното добивање на средства, односно информација дека е продаден билет кај овие приватни превозници е на крајот на 2017 година – објаснува Арсовска.

Според неа, како што може да се види од аналитичките карти доказ дека тоа се случувало е тоа што од 2017 година одбивале да добавуваат не само карти туку и да ги фискализираат автобусите со што како што потенцираше, сите средства кои ги генерирале завршуваат некаде, но според неа, никој не знае каде.

– Уште поголемо е оштетувањето од тоа што наместо да се плати единствено разликата од онаа која што граѓаните ја плаќале до извозените километри за да може ЈСП да ги надомести овие трошоци за овие 400 000 километри месечно, тие ја наплаќале полната сума – децидна е Арсовска.

Арсовска праша каде се парите што граѓаните ги даваат

Градоначалничката јавно праша каде се тие пари кои граѓаните ги даваат за да имаат квалитетна услуга.

– Ние излеговме со картички кои што ги докажуваат и покажуваат дека во изминатите месеци како редовно согласно утврдената динамика која што ја имаат со договорот кој го имаат склучено со ЈСП тие нивни фактури си биле исплаќани, понатаму од „Слобода превоз и од „Макекспрес“ на кој начин им ги распределувале средствата на приватните превозници и дали им се плаќале и во која мера ние увид немаме. Со тоа ќе треба да се бават надлежните институции – заклучи Арсовска.

Според неа, помеѓу приватните превозници има и чесни луѓе кои навистина од својата работа заработуваат за своја егзистенција но потенцираше дека, некои како што рече на нивен грб се богател сите овие години.

– Злоупотребите на овие здруженија нема да бидат премолчени, напротив, со постапување на институциите овие злоупотреби ќе се спречат со што ќе резултира со покренување на соодветни постапки по изготвување на финалниот ревозорски извешат – вели таа.

Таа информациите дека скопјани ќе ги вози странска фирма која се појавија во јавноста ги окарактеризира како шпекулации и манипулации. Градоначалничката овие информации целосно ги демантираше.

– Во Град Скопје освен што ќе возта автобусите на ЈСП, исто така Град Скопје изготви и нов јавен повик каде што на секој од досегашните поединечни превозници ќе му биде понудено директно и индивидуално да си аплицира, да си добие линија, со исполнување на условите кои ќе бидат објавени во јавниот повик и се со цел да може да се обезбеди соодветен јавен превоз – информираше Арсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот