Ароматичен десерт од рацете на Стефанија Несторовска: Колач со вишни

Фото: Приватна архива

Едноставни состојки, лесно тесто, декорација по желба – сето ова се причините поради кои овој колач и со вкусот и со изгледот ќе ве одушеви.

Позната по својата креативност и инвентивност, младата Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, овој пат ни приготви колач со вишни. Водете се по нејзиниот рецепт и ќе уживате во неповторливиот вкус.

Состојки:

– 300 г (3 филџан) овесно брашно
– 1 ќесичка прашак за печиво
– 3 јајца
– 170 г (1/2 филџан) течен мед
– 100 г (1/2 филџан) кокосово масло
– 250 мл (1 филџан) јогурт
– 400 г замрзнати вишни (јас ставив цело пакетче, но може и помалку)
– малку ванила екстракт, по желба

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Се загрева рерната на 200 степени и се подготвува тава за печење во која ќе се пече колачот. Јас користев керамичка тава со димензии 20х20, но слободно користете каква што имате дома. Дури може да користите тава за мафини, тава за куглоф, стаклен сад за печење и слично. Јас претходно не обложив хартија за печење, само ја напрскав тавата со масло и не се залепи колачот, меѓутоа, за сигурна варијанта секогаш може да обложите со хартија.

Во голем длабок сад се додаваат брашното и прашокот за печиво и се промешува.

Се додаваат и сите останати состојки (освен вишните) и повторно се промешува сè додека не се добие соединета, кремаста смеса.

На крај се додаваат и вишните (нема потреба да се одмрзнуваат претходно) и се промешуваат за да се распоредат во смесата.

Се додава во тавата за печење, се израмнува и се пече околу 40 минути односно додека не добие златникава коричка. Проверувајте одвреме-навреме, бидејќи времето на печење ќе зависи од рерна до рерна.

Ако во средишниот дел е сè уште меко и по 40 минути, не грижете се, со ладење ќе се стврдне.
Колачот може да стои на собна температура 1-2 дена или во ладилник до 4 дена.

Фото: Приватна архива

 

Забелешки и совети:

→ Медот може да се замени со каков било течен засладувач. Агаве, сируп од урми, меласа, јаворов сируп и слично…

→ Кокосовото масло може да се замени со некое друго неутрално масло.

→ Вишните може да се заменат со кое било друго шумско овошје или овошје по избор.

→ Колачот не е екстремно благ, па ако сте љубител на многу благо печиво, додајте повеќе засладувач или чоколадни парчиња како додаток на вишните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот