Апсењето на Денаро е силен удар, но мафијата издржала и поголеми потреси

Апсење на Денаро/ Фото EPA-EFE/CARABINIERI

Коза ностра е создадена од правила. Таа на тој начин опстојува и се одржува повеќе од 150 години и сигурно ќе ги активира овие правила за да ја намали штетата и да формира нова раководна структура, оцени Лиа Сава, главниот обвинител од Палермо

Италијанските обвинители го опишаа како „земјотрес“ апсењето на најбараниот мафијашки бос Матео Месина Денаро, но сицилијанската криминална група нема да биде уништена преку ноќ, бидејќи Коза ностра низ својата долга историја покажала дека издржала и посилни удари и „отсекување на глави“.

Денаро беше најбараниот криминалец во Италија и едно од најбараните лица во светот. Откако 30 години успешно се криеше и од полицијата и од објективите на фотоапаратите, неофицијалниот шеф на сицилијанскиот мафијашки клан беше лоциран во приватна болница во Палермо и веднаш беше приведен. За апсењето придонесло нарушеното здравје на Денаро – страдал од канцер и честопати морал да посетува клиника.

Полицијата добила точни информации за локацијата и за времето на кои ќе го пронајде најбараниот бегалец, но сепак не била стопроцентно сигурна дали го апси вистинскиот маж, чиј лик не бил снимен повеќе од 30 години.

Притеснетиот Денаро ниту дал отпор ниту се обидел да се извлече со лага. Од болницата во Палермо тргнал кон кафетерија, кога му пришле карабинери и му побарале да се претстави. Денаро без да крене поглед решително одговорил: „Знаете кој сум јас. Јас сум Матео Месина Денаро“, иако можел да се претстави и како Андра Бонафеде, името со кое бил заведен како пациент во клиниката.

Месина, со борбен прекар „Дијаболик“ според истоимениот стрип-јунак, во отсуство беше осуден на три казни доживотен затвор поради низа убиства и учество во атентатите на обвинителите Паоло Борселино и Џовани Фалконе. Додека се криел од полицијата и додека неговите шефови завршувале зад решетки, тој се кревал во хиерархијата и стигнал до самиот врв. Обвинители тврдат дека Месина, син на мафијашкиот бос Дон Чичо од Кастелветрано, научил да се служи со огнено оружје уште додека бил малолетен и дека првото од низата убиства го извршил кога бил на возраст од 18 години.

– Самиот пополнив цели гробишта – своевремено кажувал Дијаболик за своето крваво искуство.

Италијанска полиција/ Фото EPA-EFE/MAX FIRRERI

Битка за позиции

Како искусен оперативец, тој бил задолжен за надгледување на собирањето рекет, илегалното фрлање ѓубре, трговија со дрога и за перење пари, како и за убиства. Тоа го приближило до потесниот круг на поранешниот „капо ди тути капи“ Салваторе Тото Риина, старешина на кланот Корлеоне од истоименото место на Сицилија. Тото Риина беше уапсен во 1993 година по 23 години во бегство, а почина во затворска ќелија во 2017 година. Иако Риина го носеше прекарот Ѕверот, обвинителите тврдат дека тој бил верен на традиционалните сицилијански вредности и во водењето на мафијата бил многу поблаг во однос на грубиот и избувлив Дијаболик, кој знаел да посегне по пиштол и да испразни цела рамка куршуми во некој што ќе ја оспорел неговата репутација.

По смртта на својот татко, Месина ја наследил командата врз близу 900 вооружени мажи од 20 мафијашки семејства во провинцијата Трапани и ги обединил во единствена криминална формација што не била тесно врзана со остатокот од Коза ностра. Како потенцијален „шеф на сите шефови“ се наметнал природно кога полицијата во 2006 година го уапсила Бернардо Провенцано, познат како Сметководителот. Додека Провенцано го преместувале од затвор во затвор, сѐ до неговата смрт во 2016 година, за шефовската позиција во Коза ностра се натпреварувале помладиот Месина Денаро (роден во 1962 година) и една генерација повозрасниот Салваторе Ло Пиколо – Баронот (роден во 1942 година), кој ја водел мафијата во регионалниот центар Палермо.

Полицијата ги сметала Ло Пиколо и Месина Денаро за рамноправни конкуренти за командната позиција, но „пицини“ (хартивчиња со кои важните мафијаши разменуваат пораки) откриени во домот на Провенцано покажале дека младиот Дијаболик не бил во милост на старешините, кои ги претпочитале повозрасните оперативци – Баронот и Антонио Нико Ротоло од Паљарели. Но, сите конкуренти на Месина Денаро еден по еден завршувале зад решетки. Нино Ротоло бил уапсен во јуни 2006 година, два месеци по приведувањето на Провенцано. Салваторе Ло Пиколо тргнал во пресметка со спротивставени кланови, но бил уапсен во 2007 година, заедно со својот син и со уште двајца истакнати мафијаши Гаспаре Пулици и Андреа Адамо.

Недоверба кон младите

Обвинителите заклучуваат дека „Сметководителот“ Провенцано го напуштил автократскиот систем на назначување што бил негуван до командувањето на Тото Риина и ја преорганизирал Коза ностра во здружение на кланови со приближно подеднакво влијание. И Риина и Провенцано настојувале да го задржат системот на предлагање наследници од своите ќелии, но пресретната преписка укажува дека немале голема доверба во новата генерација шефови на семејства, во која спаѓа и Месина Денаро, сметајќи ги за неискусни и без авторитет за да ги обединат семејствата. Во таа група биле Џовани „Џани“ Ники, роден во 1981 година, Пјетро Талјавија, роден во 1978 година, Доменико Ракулја, роден во 1964 година, како и Џовани Риина, синот на Тото Риина. Сите тие биле уапсени пред Месина Денаро.

Италијанските обвинители и локалните медиуми деновиве не шпекулираат кој би можел да се наметне како неприкосновен лидер на Коза ностра откако за дваесетина години беа приведени сите познати шефови и нивни потенцијални наследници.

На листата најбарани бегалци во Италија, од сицилијанската мафија Коза ностра е издвоен Џовани Мотизи (64), кој е во бегство од 1998 година. Тој од својот вујко Матео го презел водењето на кланот Мотизи. Во младоста бил оперативец на Тото Риина, а бил близок и до Бернардо Провенцано. Осуден е на доживотен затвор поради убиство на полициски офицер во 1985 година. Откако во март 2001 година избегнал апсење, на Мотизи му се губи секаква трага и полицијата сѐ повеќе е убедена дека тој веќе е мртов, а не во бегство, иако на еден од судските процеси сведок истакнал дека Мотизи се крие во Агриџенто, на самиот југ на Сицилија.

– Не знаеме и не можеме да знаеме во детали што ќе се случи по апсењето на Месина Денаро. Но, едно е сигурно, Коза ностра е создадена од правила. Таа на тој начин опстојува и се одржува повеќе од 150 години и сугурно ќе ги активира овие правила за да ја намали штетата и да формира нова раководна структура – оцени Лиа Сава, главниот обвинител од Палермо.

Апсењето е „земјотрес“

Неговата канцеларија сметала дека ни Месина Денаро не бил „капо ди тути капи“ и затоа не може едноставно да биде поставен негов наследник. Обвинителите тврдат дека автократското управување на Коза ностра завршило во 2003 година со апсењето на Тото Риина.

– Никогаш по Риина немаше еден главен шеф. Дури и ако имало „капо ди капи“, тоа сигурно не бил Месина Денаро. Тој не се квалификува, бидејќи е од Кастелветрано на западниот брег на Сицилија, а не од Палермо – вели римскиот главен обвинител Франческо ло Вои, кој активно учествувал во долгогодишните напори за приведување на Месина Денаро.

Ло Вои, сепак, тврди дека апсењето на Дијаболик е „земјотрес“ зашто тој бил шеф на важно мафијашко семејство, веројатно највлијателното во западна Сицилија.

Италијанскиот главен обвинител за гонење на мафијата Џовани Мелилјо е убеден дека апсењето на Месина Денаро нема да ја промени стратегијата на Коза ностра од изминатите десетина години – да не се применува насилство против државата, што е голем пресврт во споредба со периодот на атентати, кога беа разнесени обвинителите Борселино и Фалконе.

Моќниот удар што го зададоа обвинителите пред дваесетина години придонесле Коза ностра повеќе да не е најозлогласената криминална група во Италија, препуштајќи го тоа место на Ндрангета. Новата генерација мафијаши ја обновиле Коза ностра преку трговија со кокаин, синтетички дроги и хероин.

– Трговијата со дрога носи поголем профит и помал ризик во споредба со изнудувањето, особено кога новата генерација во Палермо масовно се побуни против традицијата на плаќање рекет – објаснува Ло Вои.

Неверојатна сличност: Уапсен Британец во Холандија, полицијата го помешала со шеф на мафија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот