Татјана Димитровска / Фото: МИА

Апелација сè уште не одлучила кое обвинителство е надлежно за водење на постапката против поранешната претседателка на ДКСК

Денешното судско рочиште во предметот против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, беше одложено бидејќи Апелацискиот суд сè уште нема донесено одлука за тоа кое обвинителство е надлежно за водење на постапката.

Како што беше соопштено на денешното рочиште, се чека одлука дали предметот ќе го преземе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција или Основното јавно обвинителство. Одложувањето следува по жалба поднесена од одбраната на обвинетата Билјана Петровска-Мантева, која во овој предмет се товари за оддавање службена тајна.

Димитровска е обвинета за две кривични дела – оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и за компјутерски фалсификат, односно дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.

Обвинителниот предлог за Татјана Димитровска го одложи судењето за „Адитив“

Покрај Димитровска, на обвинителна клупа седнаа и ревизорот Столевски, како и обвинетите Борче Најдов и Билјана Петровска-Мантева. Во текот на досегашната постапка Обвинителството побара предметот да се спои со случајот „Адитив“, но судот одлучи постапката да се раздвои само во однос на обвинетиот Борче Најдов.

Бранителот на Димитровска, адвокатот Владимир Туфегџиќ, тврди дека информациите што таа ги споделила не претставуваат службена тајна, туку се јавно достапни податоци, а за делото поврзано со сертификатот посочува дека клучни биле безбедносните проверки на Агенцијата за национална безбедност, а не самиот тест. Одбраната најави сведочење на претставници од АНБ и од ДКСК и очекува ослободителна пресуда.

Од Обвинителството, пак, посочуваат дека располагаат со цврсти материјални и вербални докази и дека анализата на податоците екстрахирани од мобилниот телефон на Димитровска, кои опфаќаат речиси 250.000 електронски записи, е при крај.

Ново рочиште за случајот е закажано за 18 февруари оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот