Апелација ја укина затворската казна за поранешниот телохранител на премиерот, Ангел Самараков
На крајот на месецов повторно ќе се суди предметот каде поранешниот телохранител на премиерот Христијан Мицкоски, Ангел Самараков е обвинет за одавање службена тајна. Првостепениот суд преку судијката Фанка Јанчулева Михаиловска го осуди Самараков на затворска казна од една година и шест месеци, но пресудата беше укината од страна на Апелациониот суд Скопје и предметот е вратен е на повторно судење. Самараков е полициски службеник од Шестата управа која обезбедува ВИП-личности. Тој го обезбедуваше премиерот Христијан Мицкоски во периодот кога беше обвинет дека одал службена тајна односно службени полициски документи на лице кое во постапката се водеше како сведок – Благоја Коруновски.
Препорачано
Сведокот Коруновски е познат на органите на прогонот и е осуден за убиство во 2007 година. Обвинителката Ивана Трајчева која го застапуваше обвинението пред првостепениот суд пред 10 месеци тврдеше дека минатото на Коруновски не е причина да не му се верува.
Значи видете, бекграундот, без разлика дали на сведокот или на друго лице, не значи дека не можете воопшто да му верувате во иднина, или дека треба само да му верувате. Така, секој од нас си има своја некаква позадина. Во конкретниот случај, немам зошто, односно Обвинителството нема зошто да не му верува на сведокот бидејќи сè она што тој го кажува е документирано на видеозапис и тоа ќе се види пред судот бидејќи тие докази се предложени од страна на Обвинителството, рече Трајчева.
Одбраната на Самараков рече дека се работи за незаконско поттикнување на кривично дело што Благоја Коруновски го направил врз Самараков, затоа што токму полицискиот службеник Самараков бил тој што во 2019 година го уапсил кога истиот бил во бегство повеќе од две години.
Самараков е обвинет дека на 30 март 2025 година околу 23 часот, на паркинг пред хотелот „Гарденија“ во Велес, како службено лице вработено во МВР, а од користољубие, на сведокот Благоја Коруноски му направил достапни службени документи на МВР кои се службена тајна, за сведокот тие документи да ги објави на социјалните мрежи.
-За тоа обвинетиот Самараков требало да прибави од лицето Лелита Трајковска Миленкова износ од 50 илјади евра. Со тоа му се става на товар дека сторил кривично дело одавање службена тајна по член 360 став 2 во врска со став 1 – рече обвинителката Трајчева.
Инаку Лелита Трајковска Миленкова е исто така полициски службеник во Велес, а од судската постапка се дозна дека таа работела со Самараков во дел од времето во иста канцеларија.
На снимките во судница презентирани од ОЈО, се гледаше како сведокот на Обвинителството, Благоја Коруноски со спортско капче на главата и цигара во устата, седи во автомобил, а до него имаше документи во автомобилот – записници за примање пријава во СВР Велес и името на полицајката Лелита Трајковска Миленкова на дното од записниците. Со Коруновски во возилото се слушаше уште еден машки глас но не му се гледаше ликот. Двајцата разговараа за кривични пријави кои во работа биле кај полицајката Лелита Трајковска Миленкова.
Едниот глас прашува: „Ова е кривична?“, другиот одговара: „Кривична е, да, тешка кражба, 235 ти е кражба, 236 е тешка кражба“.
Разговорот на снимката продолжува на начин што машкиот глас кој не се гледа, а е во автомобилот на Благоја Коруновски му вели:
„Абе што ти е брат, за пеесче е, сè што треба ќе дотерам, абе другарка ѝ ќе ѝ даде сè што треба“.
Другиот глас вели: „Таа ли требало да ги реши“?
Одговорот е:
– Да, ова не се мои дела што сум ги работел, еве записник за примање пријава. Како не е за пеевче, за пеевче е. Ова е дело 206 кое не го поднела, сè што требало ѝ било дотерано, само требало да поднесе пријава – се слушаше во судница дека кажува сопатникот на Коруновски.
Коруновски потоа прашува: „Ова го има само кај тебе?“, а другиот машки глас одговара потврдно и дека документите се оригинали.
Потоа Благоја Коруновски на снимката вели:
-Ништо, колку? Што мислиш, која да биде цифрата?
Другиот машки глас одговара:
-Педесет брат, јас искрено би се задоволил и со 25, повеќе не ми треба, ама 25 да ѝ ги земеме, јас да добијам 25.
Во текот на постапката, одбраната кога бараше Самараков да излезе од притвор, потенцираше дека од 28 докази, Обвинителството за 20 смета дека не се службена тајна. Одбраната и за тие осум тврди дека не се службена тајна.


