„Антолог“ ја промовираше книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ од Владимир Јанковски

Влада Урошевиќ, Оливера Ќорвезироска и Владимир Јанковски во „Буква“

Книжевниот центар „Антолог“ на 20 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, ја промовираше книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ од Владимир Јанковски.

Изданието го промовираше писателката и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска, а на промоцијата се обратија и Влада Урошевиќ и Владимир Јанковски.

„Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ е книга во која преку прашањата што Јанковски му ги поставува, Урошевиќ нуди еден вид авторефлексија за сопственото творештво, за некои аспекти од сопствениот живот, за феномените од македонската литература и, воопшто, култура.

Исто така, Урошевиќ ги дава своите перспективи за широк спектар културолошки појави, од францускиот надреализам, фантастиката во литературата и сликарството, источните филозофии и култури, односот меѓу книжевната критика, историја и помнењето во литературата, преклопувањата и дијалозите меѓу навидум оддалечените култури, влијанието на имагинарното во секојдневниот живот, значењето на археологијата во обликувањето на свеста за нашата цивилизација итн.

Бидејќи таа, пред сè, е книга за еден живот и за еден животен пат, сите споменати културолошки аспекти на еден посебен начин се „прекршени“ преку личноста и делото на Урошевиќ, преку неговата гледна точка и животен пат.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 197, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот