Антикорупциска разгледа изборни предмети: Директорка на средно училиште „лепела плакати“ во група со вработените

Антикорупциската комисија на 24-та седница разгледа неколку изборни предмети кои до нив стигнале во текот на изборниот процес. Во еден од нив, непознат подносител ја пријавил директорката на едно средно училиште дека притискала вработени во училиштето за кого да гласаат, на начин што преку електронска апликација со вработените споделила плакат со партиско обележје на кандидат со молба вработените да гласаат за него. Антикорупциска пријавата ја доставила во Јавното Обвинителство и заклучи дека тоа е надлежно да постапува.

Вториот предмет за изборите пријавен во Антикорупциска се однесува на тоа дека ректорската управа на Универзитет, по распишување на изборите донел одлука професор да изберат за проректор. Антикорупциската комисија за овој предмет донесе одлука дека нема прекршување на Законот за спречување корупција и судир на интереси, зашто професорот бил вработен претходно и не станувало збор за ново вработување.

Третата пријава за изборниот процес е против директор на основно училиште, кој вработил психолог во училиштето по распишувањето на изборите. ДКСК ја запре постапката зашто местото било испразнето, претходниот психолог отишол во пензија а вработувањето било дозволено со согласност од градоначалникот како итна и неодложна работа.

Уште една пријава се однесуваше на тоа дека директор на средно училиште на денот на распишувањето на локалните избори вработил професор по машински предмети и социјален работник. Просветниот инспекторат направил надзор и констатирал дека нема неправилности во постапките за вработување, па така ДКСК го запре предметот.

Во Антикорупциска пристигнала и пријава дека директор на студентски дом во Прилеп, освен тоа што бил директор бил избран и за член на Советот на општината на локалните избори кои биле во тек. Антикорупциска констатираше дека лицето уште нема верификуван мандат и моментално извршува функција само на директор, а не и на советник па така Законот не е прекршен.

-Но по издавањето на уверението за избор, ќе треба да се откаже од директорската функција. ДКСК ќе продолжи да ја следи состојбата каде ќе има акумулација на функции. Таква состојба во случајот не е настаната и предметот предлагам да се запре, рече антикорупционерката Софија Спасова Медарска, а другите членови едногласно ја изгласаа одлуката.

Непознат подносител пријавил во Антикорупциска дека кандидат за градоначалник ѝ ветувал на група, дека ако тој стане градоначалник тогаш ќе добијат пари во готово и имало линк каде ова било пренесено во медиумите. ДКСК констатираше дека се работело за проект во неговата изборна програма а не за постапување спротивно на Изборниот законик. Постапката се запре зашто ДКСК не најде елементи за забрана со Законот и утврди дека не се работи за притисок на гласачите туку промоција на изборната кампања.

Освен изборните предмети, Антикорупциска разгледуваше и вообичаени предмети. Во еден од нив констатираа дека сметководителот на ЈЗУ болница за белодробни заболувања и туберкулоза во исто време бил и претседател на Управниот одбор и претседател на комисијата за јавни набавки на болницата. Според ДКСК на ваков начин е настанат судир на интереси после што сметководителот платил 150 евра глоба.

Разгледан беше и предмет што заврши во рацете на Обвинителството, а според кој човек се пријавил 2 пати на јавен оглас за вработување во државна институција, двапати бил прворангиран после што огласите од мистериозни причини биле поништувани! Кандидатот бил прворангиран, со најмногу бодови а кога ќе преминел на делот од постапката каде следувало интервјуто за вработување – постапката мистериозно била прекинувана.

ДКСК разгледа и предмет со сомнежи за корупција за изградба на хотелски комплекс со противзаконско одобрение на градба од општина Охрид. Пријавителот вели дека хотелот се градел со проект за кој нема оценка за влијание на животна средина ни согласност и решение од Министерството за животна средина. Одобрението за градење од 2012 немало ни печат за правосилност според пријавата во која се додава дека на ваков начин се уништува дел од светското културно наследство.

Пријавата е доставена и до ЈО Охрид кое во 2017 оформило предмет, за начинот на оттуѓување на спорното земјиште и за начинот на целата постапка за давањето согласност за градба. Обвинителството го доставило предметот во ОЈО ГОКК во 2018 година. ДКСК го запре предметот.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот