Антикорупциска комисија: Направивме анализа за „Бехтел и Енка“, ќе ја доставиме до Обвинителството
Николовска вели дека има сомнеж за потенцијална корупција со самото тоа што договорот за градење 109 километри автопат е во вредност од 1,3 милијарди, а е со ознака доверливо.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) направила анализа на процесот на носење одлуки и на самото склучување на Договорот за градба на коридорите 8 и 10Д со „Бехтел и Енка“. Анализата покажала низа пропусти поради што ДКСК на вчерашната седница донела одлука нивните забелешки да се достават до Основното јавно обвинителство.
Препорачано
Членот на ДКСК, Катица Николовска, изјави дека доказите што ги обезбедиле во текот на постапувањето, ги натерале да направат анализа за состојбите и за постапувањата на државните органи при носењето одлуки, при носењето на законот и склучувањето на Договорот.
– Меморандумот е потпишан, но јавно не е објавен досега. Потоа, група пратеници поднесува предлог-закон и по 15 дена се носи во Собранието. Тој се применува како „лекс специјалис“ и исклучува примена на други закони. Ваквото постапување на Владата упатува на усогласено постапување и низа активности, со цел обезбедување незаконски поволности. Активностите на владини претставници во согласност со нивните наводи за склучување на договорот, може да се оценат како спротивни на законот за лобирање – изјави Николовска.
Николовска вели дека има сомнеж за потенцијална корупција со самото тоа што договорот за градење 109 километри автопат е во вредност од 1,3 милијарди, а е со ознака доверливо.
– Договорот со „Бехтел и Енка“ што го баравме од Владата, по голем број преписки го добивме, но не целосно. Без голем број анекси. Од таа причина не навлеговме во оценка на договорот во целост – изјави Николовска.
Постојат, нагласи Николовска, индиции за несоодветно и незаконско постапување на одредени лица.


