Ангеловска-Бежоска: Поголема вклученост на жените во работната сила ќе донесе економски раст повисок за 30 отсто
Поголемата вклученост на жените во работната сила може да придонесе за побрз и поинклузивен економски раст, којшто може да е повисок и до 30 отсто во економиите во развој, имајќи го предвид вклучувањето дополнителна работна сила на пазарот на труд. Исто така, според истражувањата во оваа сфера, за тоа придонесуваат и посебните карактеристики и вештини со кои вообичаено располагаат жените како работнички, како повисоката одбивност кон ризик, прагматичноста, емпатијата и друго, поентираше гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска за време на панел-дискусијата „Жени лидери“ која се одржува во Љубљана во организација на Центарот за извонредност во финансии (ЦЕФ).
Препорачано
Анегловска-Бежоска, како што се посочува во соопштението од Народна Банка, истакнала и дека економскиот развој не е доволен за економски раст, туку, потребно е да се расте паметно, одржливо и инклузивно.
Човековиот капитал, како од аспект на неговиот квантитет, така и од аспект на неговиот квалитет, е клучен за остварувањето на овие цели. Поголемата вклученост на жените во работната сила може да придонесе за побрз и поинклузивен економски раст, којшто може да е повисок и до 30 проценти во економиите во развој, имајќи го предвид вклучувањето дополнителна работна сила на пазарот на труд – вели гувернерката.
Родовата нееднаквост останува клучен глобален предизвик
Родовата нееднаквост по пандемијата стана уште поизразена и таа останува еден од клучните глобални предизвици, порачала Ангеловска-Бежоска.
Во глобални рамки пандемијата доведе до укинување на 54 милиони работни места пополнети од жени, со што се намали стапката на учество на жените во работната сила на 47 проценти и се зголеми јазот во однос на мажите, чија стапка на учество во работната сила е 70 отсто. Во македонската економија учеството на жените во работната сила е околу 40 проценти, додека оние жени кои се активни се помалку застапени на раководните позиции и се платени помалку од мажите за 20 отсто – вели таа.
Гувернерката нагласила дека сепак постојат и добри примери во нашето општество, како Народната банка, каде што 71 процент од раководните позиции во институцијата се пополнети од жени.
Заради побрза конвергенција кон ЕУ, и покрај тековните предизвици, потребно е да не се оддалечуваме од решавањето на структурните прашања, применувајќи реформи со кои ќе се подобри нашиот потенцијал за раст и коишто ќе нѐ приближат кон европското семејство, посочи Ангеловска-Бежоска. За тоа ни е неопходна и поголема вклученост на жените во општеството којашто може да се постигне преку холистички пристап на креаторите на политиките.
Настанот е во рамките на проектот „Ние водиме”, поддржан од ЕУ, којшто е наменет за поддршка на млади професионалци во регионот на Западен Балкан. На панел-дискусијата учествуваа и министерката за стандарди и услуги на Албанија, извршната директорката на Центарот за европски политики во Србија и директорката на ЦЕФ. Панел дискусијата ја отвори претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар.


