Андоновски и Канзас Сити карент на пат кон шампионската титула во САД
Македонскиот фудбалски стручњак Влатко Андоновски е кормилар на женскиот клуб Канзас Сити карент, кој бележи рекордно успешна сезона во најдобрата лига во САД, прв е во регуларниот дел, а голем фаворит е по плејофот да ја освои титулата. Андоновски, поранешниот селектор на САД, три месеци по ред е прогласуван за најдобар тренер во лигата
Македонскиот фудбалски стратег Влатко Андоновски (49) со успех ја продолжува кариерата во Соединетите Американски Држави, како тренер и спортски директор на женскиот фудбалски клуб Канзас Сити карент, откако во 2023 година го заврши ангажманот како селектор на националниот женски тим на оваа земја.
Препорачано
Андоновски со успех го води својот тим низ најквалитетната женска лига во САД (НВСЛ) каде Карент е на првото место на крајот на регуларниот дел од сезонава, а во четвртфиналето од плејофот ќе се сретне со осмопласираниот Готам ФЦ.

Карент бележи најдобра сезона во својата историја што во добар дел е заслуга на стручните способности на Андоновски. Овој тим одамна го обезбеди првото место во регуларниот дел и учеството во плејофот, каде се надева дека ќе ја освои титулата.
Три месеци е тренер на месецот
За тоа колку е придонесот на Андоновски во успехот на Карент сведочи и фактот што тој три месеци по ред е прогласуван за тренер на месецот во лигата. На почетокот на минатиот месец, тој беше прогласен за најдобар тренер во лигата за септември.
По последното коло од регуларниот дел овој тим со 65 бода е многу пред второпласираниот Вашингтон спирит со 44 бода. Тимот во стручниот штаб има уште еден Македонец, Љупчо Кметовски, нашиот некогашен голман, кој сега ги тренира чуварите на мрежата.
Овој клуб во 26 кола постигна 49 гола, најмногу во лигата од 14 клуба, а прими само 13 гола, најмалку во тековново првенство.
Импресивна кариера
Андоновски е роден во Скопје, а во САД е од 2000 година, каде отиде да игра футсал во тамошната лига. Тој веќе има две шампионски титули (2014, 2015) како тренер на Канзас Сити, но, не со сегашниот клуб (Карент), туку со претходникот.
IT’S OFFICIALLY #TEALTIME‼️
We face @gothamfc on Nov 9 at 11:30AM on @ABC. We’re not done yet 👏
Buy tickets: https://t.co/yFcCmAiMpL pic.twitter.com/qPYwq8iXNK
— KC Current – z (@thekccurrent) November 3, 2025
Тие трофеи и добрата репутација како стручњак и како човек му обезбедија и позиција на селектор на репрезентацијата на САД на чие кормило мина од 2019 до 2023 година.
Андоновски како фудбалер има играно за Работнички, Македонија ЃП и Вардар. Тој заминал да игра футсал во САД на предлог на неговиот пријател Дино Делевски, за клубот Виичита вингс, со намера да остане една сезона. Но, потоа средината му се допаднала и таму успешно работи над 20 години во овој спорт.


