Андоновиќ: Хрватска во недела избира помеѓу Тито и Туѓман? (ВИДЕО)

Во пресрет на парламентарните избори во Хрватска закажани за петти јули, се одржа првиот TВ дуел на лидерите на двете најголеми партии, претенденти за освојувањето на власта во земјата Лидерот на ХДЗ и актуелен премиер Андреј Пленковиќ, и помалку познатиот политичар и лидер на Социјалдемократите (СДП) Давор Бернардиќ. И покрај очекувањата дека Пленковиќ со своето искуство ќе го прегази Бернардиќ, сепак дуелот на хрватската РТЛ помина во нерешен исход и рамноправен настап. Аналитичарите сметаат дека аустајдерот на дуелот Бернардиќ не ја искористил шансата која ја имал, вооружен со аргументи, да го порази Пленковиќ во ТВ Дуелот.

Според анализите и двајцата кандидати засега не успеваат да ги убедат неопределените гласачи да гласаат за нив, што тие го сметаат како главна задача, но и единствен начин освојување на праламентарната власт. Наспроти Пленковиќ кој за време на дуелот беше смирен и воздржан, Бернардиќ, во дебатата покажал добра подготвеност и поседување на голем број на аргументи за тоа зошто тој да биде идниот премиер на Хрватска. Анлитичарите сепак му замеруваат на Бернардиќ дека неговото неискуство се гледа од користење на голем број на документи и листови за време на дебатата, што доколку стане премеиер, би морал да поработи на својата спонтаност и уверливост. Сепак оценката е дека на дуелот тој не се осрамотил што се смета за негова победа.

Бернардиќ дојде на чело на СДП по победата на неодамнешните претседателски избори, кога дотогашниот лидер на социјалдемократите, Зоран Милановиќ стана претседател на Хрватска.
Она што можеби најдобро ја опишува актуелната политичка состојба во Хрватска е доминирањето личните квалификации во дебатата, наспроти програма и политичка визија, се дел од коментарите на хрватската и европската јавност. Она што можеби беше и најшокантно на дуелот е одговорот на лидерот на СДП Бернардиќ, кој на новинарското прашање, кого би избрал помеѓу Тито или Туѓман, тој го избра порнашениот југословенски претседател. На оваа изјава, лидерот на ХДЗ Пленковиќ кратко одговори дека ова е доказ пред хрватските граѓани дека СДП избира диктатор, притоа не изјаснувајки се за кого тој би се произнесол. Сепак, повеќе од сигурно е дека неговиот претходник на лидерското место во ХДЗ, и личноста која се смета за симбол на хрватската независност Фрањо Туѓман е веројатно неговиот избор.

Парламентарните избори за десеттиот состав на Саборот од независноста ќе се одржат во Хрватска во недела, на 5 јули, а во странство во хрватските дипломатски и конзуларни претставништва, во сабота на 4 јули и недела на 5 јули. Хрватски гласачи избираат 151 пратеник, од кои, 140 во десет изборни единици во Хрватска, тројца ќе ги избере дијаспората, т.е. хрватските граѓани кои живеат во странство, а осум членови на националните малцинства ќе бидат избрани во 12-та изборна единица, која се однесува на целата држава.

Главната борба ќе се води помеѓу владеачката ХДЗ на Андреј Пленковиќ и СДП на актуелниот хрватски престедател Зоран Милановиќ, сега предводена од помалку познатиот политичар Давор Бернардиќ. Според последните истражувања, во благо водство е владејачката ХДЗ. Таа би добила 33% од гласовите на гласачите, додека веднаш зад неа е опозициската СДП со 30% поддршка.

Доминацијата во засега тесниот и неизвесен исход во довербата, двете партии ќе се обидат да ја остварат со добивање на подршката од неодпределените гласачи. Сепак, голема улога ќе игра и ултра десницата предводена од Мирослав Шкоро, групација, која незадоволна од политиката на десницата и ХДЗ, настапи сама на претседателските избори, и за малку ќе освоеше поголем број гласови од матичната партија. Поддршката од оваа групација, според анализите, би можела да биде пресудна за формирање на идната хрватска коалициона влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот