Анархија и хаос во Капитол хил: Најтажниот ден во историјата на американската демократија

Фото: EPA-EFE/WILL OLIVER

Американскиот Конгрес синоќа продолжи со работа на заедничка сесија на законодавците во текот на која членови на Преставничкиот дом и на Сенатот формално треба да ги потврдат разултатите од гласањето на колеџот на електори, кој во декември ја сертифицираше победата на Џо Бајден.

Денот претходно помина во анархија и хаос во и околу Капитол хил, опсаден од стотина десничарски екстремисти, поддржувачи на претседателот Доналд Трамп.

Настаните всушност започнаа со говорот на Трамп, кој некаде претпладне се обрати пред илјадници насобрани демонстранти на претходно затворениот парк и тревник пред Белата куќа.

Веднаш потоа, околу 13 часот по источноамериканско време, Конгресот беше принуден да ја прекине седницата откако стотици поддржувачи упаднаа во Капитол на САД со барање да се поништат резултатите од изборите.

Полицијата на Капитол хил ги евакуираше законодавците, некои беа забележани како го напуштаат зданието со покриени глави и во гас маски. Во текот на неколку часа службите, на кои им се вклучи и Федералното биро за истраги (ФБИ), ги гонеа поддржувачите на Трамп кои упаднаа во салите на Конгресот и вандализираа низ просториите.

Полициски час во Вашингтон, лидерите на Конгресот се евакуираат од Капитол

Некои телевизии објавија и сцени на претставници на безбедносните служби како посегаат оружје за заштита на закондавците, кои останаа забарикадирани во главните сали на заседанијата на Сенатот и на Претставничкиот дом.

Полицијата во Вашингтон соопшти дека како резултат на рана на вратот од огнено оружје синоќа во безредијата починала една жена, наводна учесничка во маршот за поддршка на Трамп. Ај-би-си сопшти дека жената била застрелана од безбедносните сили. ФБИ соопшти дека нивни агенти деактивирале две наводни експлозивни направи.

ВИДЕО: Почината жената застрелана во Конгресот при упадот на демонстрантите

Во меѓувреме и избраниот претседател Бајден го повика Трамп да отстапи, за веднаш по него Трамп да се појави на видео на Твитер и повика демонстрантите да „заминат дома”.

Полицијата конечно успеа да воспостави ред околу зградата на Капитол хил кај 18:00 часот, а законодавците се вратија на работа околу два часа подоцна.

ВИДЕО| Трамп до демонстрантите: Знам дека ви е тешко, но, вратете се дома

– Оние што направија хаос денеска во Конгресот се губитници, изјави потпретседателот Мајк Пенс, претседавач на Сенатот, при отворањето на претходно прекинатата седница.

– Да се вратиме на работа, повика тој, по што законодавците бурно аплаудираа.

Мич Меконел, лидер на републиканците во Сенатот, нередите предизвикани од поддржувачите на Трамп ги нарече „неуспешно востание”.

– Нема да се подведеме и да потклекнеме пред aгресивна толпа… и ќе го одбраниме нашиот Устав, истакна Меконел.

Мит Ромни, сенатор од Јута, во соопштение ги осуди републиканците кои се обидуваат да ја погазат волјата на гласачите на претседателските избори и истакна дека „она што се случи денеска е востание поттикнато од претседателот”.

Линдзи Грем, уште еден истакнат републиканец, во обраќање пред Сенатот ја призна победата на Бајден и неговиот потпретседател Камала Харис и рече дека од 20 јануари 2021 година тие ќе бидат следните претседател и потпретседател на САД.

Џон Болтон, поранешен советник за национална безедност го нарече 6 јануари 2021 година „најтажниот ден во американската историја”.

– На Трамп му остануваат уште 14 денови мандат, истакна Болтон.

Вината за тоа што се случи синоќа во американската престолнина сите ја гледаат во постапките и акциите на претседателот Трамп, кој повеќе од два месеци наметна алтернативна реалност на голем дел од американските избирачи дека изборите наводно биле лажирани и украдени.

ВИДЕО | Бајден: Американската демократија се соочува со невиден напад

Социјалните мрежи како Твитер и Фејсбук привремено ги блокираа налозите на Трамп поради неговата одбрана на демонстрантите и повторното истакнување дека тоа што се случува е резултат на „украдени избори”.

Закондавците доцна синоќа продолжија со дискусиите за потврда на резултатите од гласањето на изборниот колеџ. На првото гласање во Горниот дом во врска со оспорените резултати од Аризона, забелешката за тоа не беше прифатена. Според познавачите, сите обиди да се оспорат резултатите нема да вродат со плод.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот