АНАЛИЗА Интегративците го трчаат последниот круг?

Насер Зибери и Али Ахмети / Фото: Фејсбук - ДУИ

Демократската унија за интеграција (ДУИ) е свесна дека по 15 јули ќе оди во опозиција, а идејата новиот премиер да биде Албанец е само обид во предизборието партијата да наметне етноцентрична тема од која ќе црпе гласови и да го оттргне вниманието од реалните потреби на гласачите во економијата, здравството или образованието.

Мнозинството аналитичари деновиве ја истакнуваат токму оваа оценка за агендата што ја наметна ДУИ, како партија што не умее ништо друго освен да наметнува радикална реторика кога е ставена во тесно, овој пат соочена со реалноста дека ќе ја загуби власта по 16 години владеење.

ДУИ во опозиција ќе згасне

Аналитичарот Мерсел Биљали вели дека со ултиматумот Албанец да биде премиер, ДУИ се фаќа како давеник за сламка затоа што сите реални анализи покажуваат дека по предвремените парламентарни избори партијата ќе оди во опозиција.

– За интегративците одењето во опозиција значи и комплетно растурање како партија затоа што тие немаат идеологија. Нивната единствена идеологија е власта. Идејата Албанец кандидат за премиер во нормални услови ќе беше нормална, вообичаена. Но, кога ДУИ го нагласува етничкото, се очекува на истиот начин, со национализам, да возврати и другата страна, а национализмот е плодна почва од која ДУИ собира гласови. Луѓето веќе не се наивни, свесни се дека тоа е манипулација, навредени се што ДУИ им ја потценува интелигенцијата и ефектот од оваа кампања е спротивен од очекуваниот. Од идејата Албанец за премиер нема да биде ништо, туку само ќе се брукаат оние што се нафатиле да учествуваат во таа идеја, а општа трагедија е да се фрли изграден личен авторитет и интегритет за политичка употреба. Јас сметам дека ДУИ не само што нема да биде клучен фактор за составување влада, туку нема да се ниту некој особен фактор. Особено што пратениците од опозицијата, оние што се претставници на помалите етнички групи, често се приклучуваат кон парламентарното мнозинство – вели Биљали за „Слободен печат“.

Тој има голема забелешка за лидерот на СДСМ Зоран Заев и за неговиот одговор дека ќе разменува пратеници со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски само за да нема уцени од ДУИ.

– Тој одговор беше лошо прифатен од граѓаните. Не дека со тоа ДУИ ќе добие гласови, туку СДСМ ќе изгуби. Таа изјава потсетува на онаа на Никола Груевски кога тој по минатите избори му ги понуди сите пратеници на СДСМ за да не биде уценуван од ДУИ и иако контекстот и условите сега се различни, граѓаните не прават многу разлика. Наместо да каже дека секоја партија има право да номинира кандидат, а ќе го добие онаа што ќе освои најмногу гласови на изборите, тој дава етничка боја – вели Биљали.

Слично гледиште за однесувањето на ДУИ во првата недела од кампањата деновиве изнесоа и други аналитичари. Професорот Ненад Марковиќ во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ рече дека денес меѓуетничките односи се евидентно порелаксирани од порано, па затоа ова што се обиде ДУИ да го наметне, не одекнало баш многу силно.

– Главната причина за тоа не се реакциите на Заев и на Мицкоски, туку на другите албански партии и интелектуалци, кои некако ја закопаа идејата во оваа форма на самиот почеток. Тие правилно лоцираа дека не се работи за премиер Албанец, туку за премиер Албанец под контрола на ДУИ. Во таа смисла таа идеја не успеа да фати корен – вели Марковиќ.

Според аналитичарот Љупчо Петковски, предлогот на ДУИ е неморален, но од него се гледа дека по секоја цена сакаат да останат на власт, што досега им успеваше.

– Овој предлог ги „пишмани“ оние гласачи Албанци, кои евентуално би гласале за СДСМ сега да гласаат за ДУИ. Ги украдоа темите и со еден удар убија неколку муви – рече Петковски за „Утрински брифинг“.

Политикологот Благојче Атанасовски вели дека ДУИ има право да дава понуди целејќи кон гласачкото тело, но проблемот е што таа политичка партија освен создавање меѓуетнички тензии, не знае да функционира на друг начин.

– Ако сакаат да егзистираат на политичката сцена, мора да се победат сами себеси и да излезат од етнонационалистичкиот ров – вели Атанасовски.

Ниедна партија не дава поддршка

Али Ахмети во последното ТВ-интервју рече дека не е загрижен поради тоа што Заев и Мицкоски ќе направат малцинска влада, а ДУИ ќе оди во опозиција. ДУИ си ја тера агендата и најново од нив е дека Насер Зибери секако ќе станел идниот премиер на државата, кој и да победи во македонскиот блок, па затоа Зибери морал да биде третиот гостин на дебатите.

Ставот на Заев за уцените на ДУИ е дека не ги прифаќа и дека партијата треба да се подготвува за опозиција.

– Немаме ништо против Зибери, ама верувам дека неговото учество во ваква уценувачка понуда не е соодветно. Тој за 20 дена не може да ја реформира ДУИ, која треба да помине четири години во опозиција за да се реформира и да биде добра партија. Ова е политикантство, затоа што мандатот го даваат граѓаните – рече Заев.

И Мицкоски има сличен став.

– Премиер не се станува во канцеларија, треба да се излезе пред граѓаните и да се добие поддршка. ДУИ ја прифатија идејата на ВМРО-ДПМНЕ за шпицен-кандидат, сега се надевам дека ДУИ ќе понуди и програма што ќе го привлече вниманието на сите граѓани, без разлика на етничката припадност. Начинот на кој ја почнаа кампањата е дополнителна поларизација на граѓаните, а ние тој начин на водење политика го одбиваме – рече Мицкоски.

По обелоденувањето на кандидатот за премиер Зибери, албанските партии настапија со многу поостри изјави кон ДУИ од македонските, а претседателот на ДПА Мендух Тачи го нарече Зибери терорист.

– Што го поврзува Ахмети со Зибери? Југославија и национализмот на Зибери. Насер Зибери е терорист од 1997 година од Гостивар и Тетово. Тој беше вицепремиер, кога државата убиваше со оружје и насилство, тепаше, малтретираше, затвори многу луѓе и ова е најсилниот аргумент што за среќа Бог ни го дава дека овие двајца луѓе се поврзани со истата цел, доаѓаат од истиот извор и ние овие двајца ќе ги разделиме – рече Тачи.
И според лидерот на Беса, Биљал Касами, дојдено е време конечно ДУИ да оди во опозиција.

– Тие повеќе од 18 години успеаја да ги злоупотребуваат државните позиции во нивен личен интерес, за нивно лично богатење и на членови на нивните фамилии – рече Касами.

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, вели дека кај ДУИ веќе се чувствува нервоза зашто е свесна дека губи.

Меџити: СДСМ ги изгуби изборите, но ДУИ ја донесе на власт

На ТВ-дебата носителот на СДСМ, Никола Димитров, рече дека се сомнева оти можеби меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ постои скриена коалиција, а Изет Меџити од ДУИ му реплицираше дека СДСМ на минатите избори се однесувала поинаку.

– Зошто вака не мислевте пред три години? Кога од губитници направивме да ја водите Владата. ДУИ беше клучниот фактор што одлучи да ја водите Владата иако имавте 49 пратеници. Ние се одлучивме за тоа заради стратешките прашања. Мислам дека дојде време премиер на биде Албанец. А, зашто да не? Тука е создадено мислењето дека за некои одредени позиции има монопол, односно дека мора да биде некој од македонската страна. Сметам дека од ова нема да профитираат само Албанците, прво ќе профитира Република Северна Македонија, бидејќи ќе се создаде подобар интегритет, подобра лојалност од Албанците кон оваа држава – рече Меџити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот