Аналитичари: Си остана „воен“ менталитетот во внатрепартиското функционирање на ДУИ

Али Ахмети /

Демократската унија за интеграција (ДУИ) спроведе внатрепартиски изборен процес за избор на претседатели на ограноци, членови на ограноци, месни совети и членови на месните совети во 10 ограноци на ДУИ во Боговиње, Брвеница, Желино, Врапчиште, Теарце, Чашка, Студеничани, Долнени, Гостивар и Тетово.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети при објава на резултатите од внатрепартиските избори нагласи дека демократијата посредно и непосредно се спроведуваа со примена на принципот „еден член, еден глас“.

– Денес сум најгордиот човек во оваа држава, затоа што инсистирав ДУИ да се демократизира, ДУИ да стане прифатлив дел за секој граѓанин да ја види можноста, да ја види трката, конкуренцијата, затоа што ова ја зголемува вредноста, ова ја зајакнува демократијата и денес се одржа изборна трка внатре во куќата на ДУИ, овде во оваа трка нема омраза за никого и не е мала работа да се има храброст да се отворат нови процеси и внатрешни избори, изјави Али Ахмети, лидер на ДУИ.

На овие избори беа регистрирани 10.423 членови во 10 ограноци на ДУИ, од кои гласале 75%. Избори се одржаа во ограноците во Боговиње, Брвеница, Желино, Врапчиште, Теарце, Чашка, Студеничани, Долнени, Гостивар и Тетово. Поради лошите резултати на локалните избори 2021, кога ДУИ ги изгуби и двете најголеми општини со доминантно албанско население, Тетово и Гостивар, и таму се одржаа избори и се избира нови претседатели, Гостивар – Валдет Џафери и Тетово – Фатон Ахмети.

Според аналаитичарот Висар Адеми со овој процес ДУИ покажаа капацитети за да се реформира и да стане модерна партија.

– Она што опозицијата мораше да го направи многу порано, го направи ДУИ со создавање на инклузивен модел каде никој не се чувствува исклучен од трката. ДУИ ја освои тврдината од внатрешноста на опозицијата и одржа вистинско предавање за политиката кај нас, нагласи Адеми.

Политикологот Благојче Атанасоски смета дека ДУИ е политичка партија, која излезе од шинелот на воената ОНА, односно од воена се реструктуираше и се претвори во политичка партија/организација. Сепак, додава тој, менталитетот во начинот на внатрепартиско функционирање си остана „воен“.

– Паметиме се` уште, во не толку далечното минато, како при избор на локални функционери за партиските ограноци, сме имале дури и убиства, од проста причина што ДУИ претставува најсигурна инвестиција за лично материјално богатење ,уживање на привилегии и власт. Па оттука, не верувам, дека ДУИ „созреала“ и дека се демократизирала до тој степен, да имаме демократски избори за партиски функционери. И сите такви обиди, ќе претставуваат „замајување“ на јавноста, како што впрочем беше и толкунајавуваната помпезна ,,зелена агенда“, од што видовме дека не излезе ништо. Така ќе биде и со оваа најавена „демократска“ реформа. Едноставно, да не е неприкосновениот лидер на ДУИ, Али Ахмети, оваа партија би се претворила во мексикански „нарко клан“, каде што ќе имаме пресметки со убиства за контрола на партиските ресурси кои носат невидени парични средства, преку контрола на државните тендери, изјави Атанасоски за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот