Ана Брнабиќ за „Слободен печат“: Вучиќ пружи рака за дијалог, чекаме некој да ја прифати
Со коментарот на албанскиот премиер Еди Рама: „Добредојде за руската делегација“ беше пречекана претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ на Форумот за проширување што се одржа во Брисел. Коментар проследен со аплауз од полната сала.
Препорачано
Брнабиќ учествуваше на еден од панелите на Форумот и речиси целото нејзино обраќање се сведе на критики за српската опозиција, или како што ја нарече, „про-еу“ опозиција. Говорејќи за тоа колку е ситуацијата во земјата поларизирана, ја обвини таа „про-еу“ опозиција дека ја запира Србија затоа што е против Вучиќ.
– Ако Вучиќ каже нешто за ЕУ, опозицијата е против. Нема национален консензус – вели Брнабиќ.
Таа дури и не верува дека луѓето што протестираат на улиците низ Србија се за ЕУ. Истите тие луѓе, вели, го нарекуваа Вучиќ предавник.
– Дали е про-еу палење на штаб на која било партија? Тоа е тероризам. Дали е проеу студенти да им забрануваат на други студенти да учат? Не е про-еу – изјави Брнабиќ која вообичаено застана во одбрана на Вучиќ што беше доволно присутните да коментираат „колку пати во обраќањето ќе го спомене Александар Вучиќ“.
Во изјава за „Слободен печат“, на прашањето како влијаат протестите на студентите на европскиот пат на Србија, Брнабиќ повторно говореше за Вучиќ, кој повикал на дијалог, но никој не се одзвал на поканата.
– Во време на социјални мрежи поларизацијата во секое општество е огромна, па така и во Србија. Мислам дека фактот дека имавме 12 месеци протести, дека имавме над 12.500 блокирани улици, а 23.000 непријавени протести, а сите беа обезбедни од страна на полицијата всушност зборува за демократскиот потенцијал на Србија. Јас секако мислам дека еден од демократски основните вредности, е дијалогот. Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ ги повика на дијалог четири или пет пати, никој не се одзва. Ако немаме дијалог, како тогаш ќе дојдеме до тоа што сакаме и на кој начин ќе ги спуштиме тензиите? Неговиот последен повик до блокадерите беше на 22 август кога рече „луѓе ајде да имаме потполно отворен и транспарентен дијалог, на која било телевизија, на сите телевизии. Јас ќе дојдам сам, вие дојдете со тројца или четворица претставници, кои сакате, да разговараме за планот и програмата, да разговараме што е тоа што им го нудиме на граѓаните на Република Србија. Не се одзваа. Значи, без дијалог не можеме да зборуваме за европски вредности и европско општество. Претседателот Вучиќ е отворен за дијалог, има пружена рака и чекаме некој да каже: да, и ние сме за дијалог и да видиме што е тоа што им го нудат на граѓаните на Република Србија – вели Брнабиќ.
Говорејќи за наредната, веројатно изборна година, таа повторно го спомена Вучиќ како единствен политичар кој, кога изгубил на избори, му честитал на победникот.
– Влегуваме во година која по сѐ изгледа ќе биде изборна година, 2026, ајде до тогаш да ги решиме овие изборни услови или дополнително да ги подобриме изборните услови и кога конечно ќе имаме избори да кажеме добро овие победија, овие изгубија. Оној кој изгубил му честита на оној што победил. Ние во Србија од 2012 година не сме имале едни единствени избори на кои опозицијата која изгубила пружила рака и му честитала на победникот. Ни едни единствени. И тогаш се прашуваме од каде поларизација во општеството. Кога СНС беше во опозиција, кога Александар Вучиќ беше во опозиција, му честитаа на победникот кога и да имало избори иако ги изгубиле изборите. И со најмала можна разлика. Честитаа. Тоа е демократска вредност, тоа е она што очекувам да се случи ако сакаме во таа Европска Унија, но повторувам, таму не може да не води само власта туку целото општество, што значи опозицијата и граѓанското општество – додаде Брнабиќ во изјавата за „Слободен печат“.
И додека таа ја обвинува опозицијата за застојот на европскиот пат, пораката од ЕУ е дека сакаат да ја видат во Унијата Србија, но демократска Србија, а не оваа, која седи на две столчиња.
Пораката од еврокомесарката Марта Кос, меѓу другото, беше дека политичарите во Србија треба да престанат со антиевропската реторика и дека најважно е градењето доверба кај граѓаните, кои сега помалку веруваат во ЕУ.
– Членството доаѓа со одговорност и посветеност на двете страни. Потребно е да се поддржат независните медиуми и граѓанското општество – изјави Кос.


