За Мицкоски решението е блиску, за Сали решен е правосудниот
Решението би било испитот да се полага на два јазика, односно теоретскиот да се полага на албански, а практичниот дел на македонски јазик, како и јазична поддршка за студентите што ги завршиле студиите на друг јазик, а не на македонски.
Преку измени на Законот за правосуден испит ќе се решава проблемот на кој јазик студентите Албанци ќе го полагаат правосудниот испит, прашање што предизвика студентски протести во Скопје, Тирана и во Приштина. Ова било договорено на средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Беким Сали со експертската група, брифираат за „Слободен печат“ од Вреди. Мицкоски без да прецизира изјави дека се приближиле кон решение што ќе биде во согласност со Уставот и со меѓународните стандарди.
Решението, како што веќе објавивме, би било испитот да се полага на два јазика, односно теоретскиот да се полага на албански, а практичниот дел на македонски јазик. Барањето на студентите Албанци е правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.
Препорачано
Мицкоски прво рече дека ништо не се договориле на средбата со работната група за правосудниот испит, а потоа дообјасни дека не преговараат и не договараат, туку дека со владините партнери разговараат за секоја тема.
– Ако ме прашувате дали владините партнери разговараа, тогаш ќе ви одговорам, да, разговаравме. Ние не преговараме меѓу себе за да ги имаме едните или другите позиции, па сега треба да се приближуваме. Но, ако беше формулирано прашањето дали разговаравте, еве ќе ви дадам одговор, да разговаравме во текот на вчерашниот ден и мислам дека конвергираме кон решение што е во согласност со Уставот и меѓународните стандарди – изјави Мицкоски.
Според информации од Вреди, освен дека е договорено теоретскиот дел од испитот да се полага на албански, каде што има девет предмети, практичниот да остане на македонски јазик, а тој опфаќа два предмета, на пример да се изготви обвинителен акт. На испитот студентите ќе имаат и јазична поддршка, односни преведувач или алатка за преведување. Јазичната поддршка е предвидена за студентите што ги завршиле студиите на друг јазик, а не на македонски. Договорено било и другите стручни испити и лиценци, околу 50, да се полагаат и на албански. Ова првично ќе биде решено со подзаконски акти.
Мицкоски и претходно изјави дека е евентуалното решение мора да биде законско и дека ќе го достават до Венецијанската комисија, која треба да даде свое мислење.
Организаторот на студентскиот протест за правосуден испит на албански јазик Мевлан Адеми преку Фејсбук соопшти дека се отворени за дијалог со професорите по право, експерти и со претставници на граѓанското општество.
„Но едно мора да биде јасно: не бараме половични решенија, дискриминирачки компромиси или привремени мерки што само го туркаат проблемот за утре. Бараме фер, целосно и трајно решение. Решение што го почитува законот, достоинството и принципот на еднаквост. Ова ѝ го должиме на нашата генерација, која денес бара надеж и правда, но и на генерациите што ќе дојдат по нас, кои заслужуваат да наследат посилни, поискрени институции и општество каде што не се преговара за правата, туку да се почитуваат“, напиша Адеми.
Опозициските партии на Албанците веќе го отфрлија предлогот и реагираа дека со него се уназадуваат правата на Албанците.


