Амстердам ги брка британските туристи: Многу пијат, повраќаат и се тепаат

Unsplash
Unsplash

Амстердам ги предупреди британските туристи „да се држат настрана од градот“. Холандскиот главен град го направи тоа преку дигитална кампања наменета за британски мажи на возраст од 18 до 35 години, поддржана од градскиот совет.

Обесхрабрувањето на Британците да дојдат во Амстердам е дел од напорите да се подобри имиџот на холандската престолнина, пишува Би-Би-Си.

Како дел од дигиталната кампања наречена „Остани подалеку“, беа прикажани снимки од млади мажи кои се сопнуваат низ улиците на Амстердам. Објавени се и снимки од приведени млади момчиња од полицијата кои им земаат отпечатоци од прсти. Исто така, насочените реклами ги покажуваат ризиците од прекумерна потрошувачка на дрога и пијалоци во Амстердам.

Пораката до Британците од холандската престолнина е – долгиот викенд во Амстердам може да создаде погрешни спомени. Жителите на Велика Британија можат да купат повратни авионски билети за Амстердам за 57 евра.

Туристичките агенции со седиште во Британија нудат „ергенски“ викенди во Амстердам, вклучувајќи крстарења по каналите со неограничени пијалоци, ноќевања со „бифтек и стриптиз“ и прошетки во пабови на „Ред лајт дистрикт“.

Со години, луѓето во Амстердам се жалат на пијани Британци кои уринираат во јавност, повраќаат по каналите, се соблекуваат и влегуваат во тепачки во пијана состојба. Ова не е нов феномен. Пред речиси десет години, тогашниот градоначалник на Амстердам го покани својот лондонски колега Борис Џонсон, кој го опиша градот како „лигав“, да види сам што прават Британците таму.

Критичарите на кампањата во Амстердам тврдат дека таквите насочени реклами се дискриминаторски и засновани на нефер стереотипи. Во Холандија, на кафулињата им е дозволено да продаваат марихуана доколку следат одредени строги правила како што е забраната за служење алкохолни пијалоци или продажба на марихуана на малолетници.

„Можеби доаѓаат по тревата, но остануваат за Ван Гог“, изјави за Би-Би-Си Јоаким Хелмс, сопственик на кафулето „Гринхаус“. Холанѓанецот истакнува дека неговата клиентела доаѓа од сите општествени и економски сфери на животот, тврдејќи дека обидите да се исклучат некои врз основа на нивната возраст и пол ги кршат принципите на слобода, толеранција и еднаквост со кои се гордее Амстердам.

Амстердам е еден од најпосетуваните градови во светот. Околу 20 милиони посетители, вклучително и еден милион Британци, го посетуваат градот со приближно 883.000 жители секоја година. Сепак, претераниот туризам ја тестира толеранцијата на локалното население и затоа реагираше градскиот совет.

Амстердам ќе забрани да се пуши марихуана кај „Црвените фенери“

Во Амстердам нема да има забрана за проституција, туку наместо тоа ќе се воведат построги правила и контроли. Почнувајќи од овој викенд, борделите и баровите ќе мора да се затворат предвреме, а во мај ќе стапи на сила забраната за пушење марихуана на улиците и околу „Ред лајт дистрикт“.

Сè уште се расправа дали на туристите треба да им се забрани влез во кафулињата во Амстердам. Мисијата на градскиот совет е да го направи градот попријатен за живеење.

Жителите на Амстердам кои живеат во високи, тесни куќи, велат за Би-Би-Си дека не се само младите туристи кои се проблемот, туку и огромниот број туристи во градот.

„Се чувствуваме како да живееме во Дизниленд или во зоолошка градина“, вели еден жител на главниот град на Холандија. Заменик-градоначалникот Софијан Мбарки рече дека Амстердам веќе презема повеќе мерки за управување од другите големи градови во Европа. „Посетителите ќе останат добредојдени, но не ако се однесуваат лошо и создаваат неред“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот