Американски авиони пресретнаа руски и кинески бомбардери крај Алјаска
Северноамериканската команда за воздушна одбрана (НОРАД) вчера пресретна два руски и два кинески бомбардери кои летаа во близина на Алјаска. Претставник на американската одбрана вели дека ова е првпат двете земји да дејствуваат заедно.
Препорачано
Бомбардерите останаа во меѓународниот воздушен простор во зоната за идентификација на воздушната одбрана на Алјаска АДИЗ и не се сметаа за закана, се вели во соопштението на НОРАД, пренесува Си-ен-ен.
САД и Канада, кои заедно го формираат НОРАД, пресретнаа руски бомбардери ТУ-95 Беар и кинески бомбардери Х-6. Авионите не влегле во суверениот воздушен простор на САД или Канада. Ова е и прв пат бомбардери Х-6, кои се деривати на постари советски бомбардери, да влезат во АДИЗ.
Според претставник на американската одбрана, пресретнувањето го извршиле американски борбени авиони Ф-16 и Ф-35, како и канадски борбени авиони ЦФ-18. Во пресретнувањето учествувале и помошни авиони.
Руските летови до АДИЗ на Алјаска не се невообичаени. Во мај, Русија испрати четири авиони во АДИЗ, за што НОРАД тогаш рече дека е редовна појава.


