Америка го стега обрачот околу „ТикТок“, сè поизвесна е забрана за платформата во САД
Кинеската социјална мрежа „ТикТок“ го загуби спорот со кој се обидуваше да го поништи законот што може да ја забрани платформата во Соединетите Американски Држави, објави денеска Американскиот апелационен суд.
Препорачано
Се очекува „ТикТок“ да се жали на одлуката, која значи дека платформата е чекор поблиску до забрана за работа во САД. Единствениот начин на кој таа би можела да продолжи да функционира во Америка е кинеската матична компанија „Бајтденс“ да ја продаде во следниот месец и половина, јавуваат американските медиуми.
Претседателот во заминување Џо Бајден уште во април потпиша предлог-закон со кој се бара „ТикТок“ да се продаде на нов сопственик кој не е од Кина или да биде забранет во САД, откако со години се зборува дека социјалната мрежа претставува ризик за националната безбедност.
На сослушувањето во септември, адвокатите на американската влада тврдеа дека алгоритмот на „ТикТок“ е контролиран од кинеската матична компанија и дека тој може да се користи за да се влијае врз американските корисници. „ТикТок“ се обиде да го блокира законот во мај, тврдејќи дека ги прекршува правата на слободата на говорот на повеќе од 170 милиони американски корисници.


