Амбасадорката Руси: Со градење атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување можеме да отвориме нова парадигма во македонско-бугарските односи

Агнеса Руси/ Фото: Фејсбук

И покрај сите предизвици, европската интеграција нема алтернатива за Северна Македонија, како што нема алтернатива ни на градењето пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, изјави македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска во интервју за бугарската ТВ Нова.

Таа додаде дека во македонското општество има широк консензус за членството во ЕУ, како политички, така и меѓуетнички и тоа е така од независноста до денес.

-Северна Македонија е најстариот кандидат за членство во ЕУ од земјите од Западниот Балкан. Ние сме кандидатка од 2005 година, тоа се 18 години. Овие денови завршуваме со скрининг процесот и тоа ни овозможува длабинско проучување на целата земја и проценка на степенот на усогласеност со стандардите на Европската Унија – рече Руси-Поповска.

Амбасадорката рече дека Северна Македонија, дури кога се споредува и со земјите од регионот кои одамна преговараат со ЕУ, не заостанува во однос на почитување и усогласеност со законодавството на ЕУ.

-Во моментов финализираме три многу важни патокази – за владеење на правото, за реформи во јавната администрација и за функционирање на демократските институции и секако се усогласуваме, го подготвуваме акцискиот план за малцинствата и во пракса се подготвуваме за отворањето на првиот кластер од преговарачкиот процес штом ги направиме уставните измени – рече Руси-Поповска.

Амбасадорката вели дека потенцијалот за подинамична мултисекторска соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија е огромен.

-Минатата година имавме историски високо ниво на трговска размена од над една милијарда евра. Прогнозите за оваа година се дека ќе успееме да го постигнеме истото ниво, а можеби и малку да го надминеме нивото на трговска размена што го постигнавме минатата година- вели Руси Поповска во интервјуто.

Таа додаде дека има континуирани позитивни резултати и во прекуграничната соработка.

-Коридорот 8 е стратешки проект меѓу нашите две земји, чија вредност во последно време се зголемува. Во Северна Македонија работиме на железничко поврзување и нашите очекувања се до крајот на 2027 година да имаме железничко поврзување до границата со Бугарија – рече Руси-Поповска.

Амбасадорката додаде дека и културната соработка е динамична, за што придонесуваат културно-информативните центри во Софија и Скопје, но има потенцијал и интерес за уште поголема соработка.

– Длабоко верувам дека можеме да бидеме најблиски земји и убедена сум дека со градење атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување, со мудрост и такт, навистина можеме да отвориме нова парадигма во македонско-бугарските односи – рече Руси-Поповска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот