Амбасадата на САД издаде мерки и ги предупреди своите граѓани: Избегнувајте го подрачјето на Белград
Амбасадата на САД во Србија ги предупреди своите државјани да ги избегнуваат подрачјата во Белград каде што денеска ќе се одржат протести и собири, а издаде и мерки што ги препорачува.
Препорачано
„Доколку наидете на неред или насилни ситуации, веднаш напуштете ја областа. Доколку не сте во можност да заминете, пронајдете безбедна локација за засолниште“ соопшти амбасадата на САД во безбедносно предупредување објавено на нејзината веб-страница.
Покрај избегнувањето на областа, амбасадата на САД им препорачува и на своите граѓани да ги следат локалните медиуми, да останат во затворен простор, да обезбедат соодветни залихи на храна и вода и да направат планови за евакуација или засолништа доколку евакуацијата не е можна.
Амбасадата соопшти дека на протестите се очекуваат десетици илјади луѓе, дека тие може да се одржат на повеќе локации и дека полицијата очекува големи толпи, затворање на мостови и улици, доцнења во сообраќајот, како и можни прекини во мобилната телефонија.
Денеска во Белград се одржува масовен протест во организација на студентите, а на кој се очекува масовен одзив на граѓани од цела Србија.


