Амандманот на „Поинаку“ за бесплатна градинка за секое дете во Битола ги израдува родителите, а ја загрижи локалната власт

Фото: Градинка Мајски цвет, Фејсбук

На последната седница на Советот на Општина Битола на која беше изгласан ребалансот на буџетот, советниците на независната листа на „Поинаку“ поднесоа амандман за од општинскиот буџет да се пренаменат финансиски средства за бесплатна градинка за секое дете во Битола.

Нашиот најголем проект што го ветивме и во предизборието беше проектот за бесплатна градинка за секое дете. Истото барање пред извесен период го имаа советниците на Левица, ама не беше поддржано со објаснување дека не е направена анализа. Од документите што ги добив од први до 31 јули оваа година, се работи за вкупно 1610 деца запишани во двете градинки во Општина Битола, коишто плаќаат по 1490 денари за секое дете. Тоа би значело со ребалансот за следните шест месеци да се издвојат 14 милиони и 400 илјади денари за нашиот амандман за бесплатна градинка за секое дете во Битола. Кога веќе даваме субвенции за се и сешто, сметам дека битолчани заслужуваат ваква субвенција која треба да премине во пракса. Во градот има млади брачни парови кои имаат се помалку деца, но, се соочуваме и со криза, со покачување на даноци итн. За Општина Битола 14 милиони и 400 илјади денари не се големи пари. Ова ќе ни биде иницијатива и за наредната година и доколку се прошират капацитетите, повторно ќе се проширува оваа рамка-рече претседателката на Битолскиот совет Габриела Илиевска образложувајќи го амандманот на „Поинаку“.

Амандманот на независните советници на „Поинаку“ беше нај популистичкиот амандман предложен на последната седница на Советот на Општина Битола, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Проектот за бесплатна градинка за секое дете е невозможно да се реализира. Амандманот на „Поинаку“ значи децата во Битола да не плаќаат воопшто за згрижувањето во градинка. Некој што има месечна плата од 100 илјади денари да не плаќа, и некој па да не може воопшто детето да го запише во градинка. Со сегашната пресметка тоа би значело 30 милиони денари на годишно ниво. Јас сега очекувам веќе да почнат да се јавуваат родители со прашањето дали треба да платат за градинка за месец јули-вели првиот човек на Битолската локална самоуправа, градоначалникот Тони Коњановски.

Тој вчера предупреди дека ребалансот што го „скрои“ новото мнозинство е незаконски и невозможно е да се реализира бидејќи ја надминува законската рамка за 116.000.000 денари, поради што истиот нема да биде вчитан и одобрен од Министерството за финансии, а со тоа ништо од амандманите кои советниците ги усвоија нема да може да се реализира.

Инаку, според информациите на Општина Битола на листата на чекање за згрижување во градинките во Битола, се 950 дечиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот