Алтернатива вечерва ќе се позиционира за влезот на Алијанса во Влада, но и за тоа дали ќе понуди нов министер за здравство

Хусни Исмаили, Фото: Архива

Најтесното раководство на владејачката Алтернатива вечерва се очекува да се позиционира и да излезе со свои предлози откако на вчерашната лидерска помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, програмски 90 отсто се усогласиле и следи кадровската понуда за влез на АА во Владата.

Потпретседателот на Собранието и дел од тесното раководство на Алтернатива, Хусни Исмаили за „Слободен печат“ изјави дека на редовниот партиски состанок очекува дека ќе се разговара за официјалниот почеток на преговорите меѓу Владата и Алијанса и претседателот на партијата Африм Гаши да информира за разговорите со Ковачевски.

На состанокот ќе се разговара и дали ќе се официјализира како партиска понуда, идејата која ја лиферуваат од Алтернатива, Гаши да понуди компромис за ресорот здравство поради незадоволството на Ковачевски од министерот за здравство Беким Сали. Компромисот би бил Алтернатива да го задржи министерството, но да го смени Сали, а на негово место да го понуди потпретседателот на Собранието и лекар ревматолог Хусни Исмаили.

„Засега тоа е само како идеја. Вечерва на редовниот партиски состанок очекувам дека претседателот Гаши ќе не информира за разговорите со Ковачевски за евентуален влез на Алијанса за Албанците во Владата и дали таа идеја ќе биде опција на Алтернатива – ни изјави Исамили.

Тој не сака да прејудицира дали би прифатил партијата да го предложи за нов министер за здравство.

„Не сум размислувал. Тоа е голема обврска. Знам бидејќи бев министер за култура. Ресорот здравство е огромно. Ќе размислам ако понудата е сериозна“, вели Исмаили.

Од Алтернатива не коментираат дали како можен компромис партијата и официјално ќе излезе со понуда до Ковачевски да го задржат министерството за здравство со нова понуда за министер.

„Имаме разбирање за интересот на јавноста, но во овој момент можеме да соопштиме дека партиските органи на Алтернатива се уште не зазеле конечен став во врска со актуелниот развој на политичката ситуација во Северна Македонија. Кога тоа ќе се случи граѓаните веднаш ќе бидат информирани за сите одлукиод наша страна“, велат од Алтернатива за „Слободен печат“.

Таравари по состанокот со Ковачевски иако потенцира дека допрва ќе се разговара за поделба на ресорите, потврди дека за ресорот здравство имаат најголема понуда. Ковачевски по средбата со Таравари, а пред средбата на Извршниот одбор на партијата изјави дека имале состаноци со Алтернатива и дека во наредните денови ќе се одржат и нови.

„Со Алтернатива имавме состаноци изминатите денови, во текот на наредните денови нормално дека ќе имаме состаноци на кои ќе разговараме исто така за развојот на разговорите со Алијанса“, рече Ковачевски.

Пред официјалниот почеток на преговорите за проширување на владиното мнозинство, ставот на Алтернатива е дека ако Алијанса влез во Владата цехот за министерските позиции треба да го платат ДУИ и СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот