Алити: Доколку гласот на Меџити во Собранието бил пресуден, тој би гласал за новата влада
Пратеникот на ДУИ Изет Меџити не гласаше за новата Влада поради неговото несогласување со некои кадровски решенија за министри, а тоа е изборот на Артан Груби за вицепремиер и министер за политички систем и Бујар Османи за министер за надворешни работи.
Препорачано
Политичкиот аналитичар Фатон Алити вели дека пратеникот Изет Меџити не се согласува со изборот на кадри од Скопје, но додава дека доколку неговиот глас во Собранието бил пресуден, тој би гласал за новата влада.
– Мислам дека е јасно дека господинот Меџити не се согласува со изборот на кадри од ДУИ во Владата, а особено со кадрите кои доаѓаат од Скопје. Верувам дека тоа е внатрепартиска војна и која ќе продолжи во тие рамки. Убеден сум дека доколку неговиот глас беше пресуден за мнозинството тој би гласал „за“ актуелниот кабинет. Но, бидејќи мнозинството и без тоа гласање беше безбедно, тој уште еднаш ја искористи можноста да ги искаже своите несогласувања. Значи, не мислам дека е трик, туку имаме работа со внатрешна „борба“ за доминација во скопскиот огранок, изјави Алити за Слободен печат.
Освен пратеникот Изет Меџити, за владиниот кабинет на Ковачевски не гласаше и пратеничката на СДСМ, Лолита Ристова, од чија партија информира дека отсуствувала поради ковид-19.


