
Алијанса ќе се консултира и со Агелер за влез во Владата
Одлуката дали ќе почнеме формални преговори за влез во Владата, многу ќе зависи и од средбата на Таравари со американската амбасадорка Агелер, вели за „Слободен печат“ висок функционер од Алијанса.
Алијанса за Албанците има шанса да биде новиот владин партнер ако се усогласат за програмските и кадровските решенија, оптимист е премиерот Димитар Ковачевски, откако и лидерот на ДУИ Али Ахмети потврди дека течат разговорите со опозициската партија за влез во Владата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Алијанса за Албанците викендов ќе решава дали ќе почнат формални преговори за влез во Владата, во спротивно излез се предвремени парламентарни избори. Пред состанокот на Централното собрание, претседателот на Алијанса Арбен Таравари ќе има средба со амбасадорката на САД Анџела Агелер, што во партијата се толкува за клучно каде ќе натежне одлуката.
Наспроти единствената позиција на Ковачевски и на Ахмети за проширување на владиното мнозинство, против влезот на Алијанса во власта остануваат третиот владин партнер Алтернатива, која одбива да отстапи ресор, „огнената група“ од ДУИ, но и Демократски сојуз.
Според Ковачевски, Алијанса има изразено политичка волја, која е за европскиот концепт на државата што дава надеж дека може да се приклучи на власта.
– Дали Алијанса за Албанците ќе влезе во Владата, да, постојат шанси за тоа, исто како што кажаа и другите политички лидери, а дали ќе се случи тоа, зависи од политички договор што секогаш има два аспекта – програмски и кадровски. Додека не се случи тоа, не можам со сигурност да кажам дека ќе има уште еден владин партнер. Сите што сакаат да се приклучат кон концептот за европска Македонија, сега е време за тоа – изјави премиерот.
Ковачевски смета дека превирањата во ДУИ со „огнената група“ не го доведува во прашање владиното мнозинство.
– Никој не го доведува во прашање владиното мнозинство, ниту пратениците. Станува збор за внатрепартиска дискусија што се одвива во одредени партии – рече Ковачевски.
И премиерот и Ахмети ги повикуваат партиите за поддршка на концептот за европска Македонија, односно т.н. „алијанса за Европа“, зад која веќе стојат СДСМ, ДУИ, Алтернатива и Алијанса.
Од Алијанса за Албанците велат дека викендов ќе разговараат дали ќе ги формализираат преговорите за влез во Владата.
– На Централното собрание ќе разговараме дали и формално ќе почнеме преговори. Ако одлуката биде позитивна, ќе организираме внатрепартиски референдум. Во спротивно, неминовни се избори. Експерти подготвуваат уште една анализа дали треба да се приклучиме на власта, а секако одлуката во многу ќе зависи и од средбата на Таравари со американската амбасадорка – вели за „Слободен печат“ висок функционер од Алијанса.
Од Алијанса се воздржани како ќе пресечат. Велат дека не се толку битни ресорите, туку дали со власта ќе се „најдат“ со позициите околу битката против корупцијата. Во партијата се поделени размислувањата дали треба да станат дел од мнозинството. Според некои партиски математики на Алијанса, опозициската ВМРО-ДПМНЕ може да обезбеди 61 пратенички глас за уривање на Владата, за што би гласале и пратеници од СДСМ и од ДУИ.
Демократскиот сојуз, како дел од власта, е против проширување на владиното мнозинство.
– Наместо сегашните преговори за приклучување на Алијанса во власта, СДСМ, а особено ДУИ, итно да ги консолидираат внатрепартиските состојби за да се продолжи со реформите – велат од ДС.
Оттаму додаваат дека идејата за зголемување на парламентарното мнозинство дополнително ќе го засили незадоволството кај граѓаните, ќе се заострат меѓуетничките тензии и сериозно ќе се нарушат уставните начела за соодветна и правична застапеност на етничките заедници во власта.
„Огнените“ веќе се изјаснија дека не гледаат никаква политичка оправданост за влез на Алијанса во Владата и дека Ахмети тоа го прави за да го амортизира нивното незадоволство и мнозинството да не зависи од четири пратеници што им се приклучија на „огнените“.