Албанската виртуелна министерка требаше да биде лицето против криминалот – нејзините „родители“ се осомничени за корупција

Раководители од владината агенција што ја создаде aлбанската виртуелна министерка Диела, се под истрага поради сомнежи за поврзаност со криминална организација обвинета за манипулации со јавните набавки во земјата, пренесе „Балкан веб“.

ВИ-генерираната албанска министерка зборуваше на парламентарната седница посветена на гласањето за новата албанска влада, во Тирана, на 18 септември 2025 година.

Облечена во традиционална носија и со широка насмевка, Диела требаше да биде лицето на борбата на албанската влада против корупцијата. Симбол на посветеноста на Тирана во справувањето со ова зло, оваа албанска министерка, создадена со вештачка интелигенција, сега стана колатерална жртва на обемна истрага.

Рама ја именува првата виртуелна министерка на светот, генерирана од вештачка интелигенција

На 16 декември, Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал соопшти дека поднело обвиненија против осум албански државјани, меѓу кои и директорката на Националната агенција за информатичко општество и нејзиниот заменик. Оваа институција, која управува со дигиталната инфраструктура на владата, надгледува голем број јавни онлајн системи во Албанија, вклучувајќи ја и познатата министерка генерирана од вештачка интелигенција – Диела.

Според изјавата на обвинителството, се верува дека осомничените се поврзани со криминална група одговорна за манипулации и за заплашување при доделување јавни договори.

Опсегот на обвиненијата е широк и вклучува „кршење на принципот на еднаков третман на учесниците во јавни тендери или аукции“, „нелојална конкуренција преку насилство“, како и „незаконско апсење“.

Директорката на агенцијата и нејзиниот заменик сè уште не се формално обвинети.

— Мора да почекаме и да видиме. Во исто време, мора да бидеме свесни дека оваа институција мора да ја гарантира не само својата независност, туку и својата професионалност — изјави премиерот Еди Рама.

Албанија, која се стреми кон членство во Европската Унија, ја постави борбата против корупцијата како владин приоритет. Оваа политика е и клучен услов за евроинтеграција.

Од мај 2025 година, по победата на неговата проевропска партија на парламентарните избори, Еди Рама започна обемни истраги, вклучувајќи и значајни случаи против поранешниот претседател Илир Мета и градоначалникот на Тирана, Ерион Велијај.

Сепак, иако извештај на Европската комисија објавен во ноември признава „извесен напредок“ во оваа област, европските експерти оценуваат дека корупцијата и натаму останува „широко распространета“ во земјата.

За потсетување, Диела деновиве престана да функционира.

Албанската виртуелна министерка е „на апарати“, снема струја

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот